Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка од функцијата поради лични причини. Оставката ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски на 9 октомври, а таа денеска е депонирана во Собранието.
Во оставката, Андовски му се заблагодарува на премиерот за укажната доверба.
„Ви изразувам искрена благодарност за укажаната доверба, досегашната поддршка и соработката во текот на извршувањето на мојата функција. За мене беше чест и одговорност да бидам дел од Владата и да придонесувам кон унапредувањето на здравствениот систем. На претседателот на Владата и на сите членови на Владата им посакувам успех во понатамошната работа и во остварувањето на заложбите за подобро здравство и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува Андовски.
Премиерот предлага неотповикливата оставка на Андовски да биде констатирана на првата седница на Собранието.
Андовски беше заменик-министер од почетокот на мандатот на премиерот Мицкоски – во период кога се сменија тројца министри: Арбен Таравари, Азир Алиу и Сашо Клековски.
Пред две недели премиерот Мицкоски најави дека наскоро ќе предложи нови заменици министри.


