Папата Лав XIV денеска ќе биде примен во болница за операција за отстранување јазол на белите дробови, соопшти портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.
Операцијата треба да биде извршена во римската болница „Џемели“, во која има посебно одделение за лекување на папите. Закрепнувањето би можело да трае околу една недела.
„Лекарите за време на неодамнешните здравствени прегледи открија јазол на белите дробови во многу рана фаза“, изјави 71-годишниот Лав XIV за време на неделната молитва.
Белодробниот јазол е мала насобрана маса од ткиво во белите дробови. Повеќето вакви промени на ткивото се бенигни, но мал процент од нив може да претставуваат рана фаза на рак на белите дробови.
Операцијата вообичаено се изведува под општа анестезија, при што пациентот дише преку цевка.
Римската болница „Џемели“, која се наоѓа северно од Ватикан, е вообичаено место за лекување на папите.
Претходникот на актуелниот папа, Франциск, таму помина неколку недели пред да почине минатата година.
Јован Павле Втори, кој ја предводеше Католичката црква од 1978 година до смртта во 2005 година, во оваа болница бил лекуван девет пати.
На најгорниот кат од болницата се наоѓа посебен апартман за папата, до кој води долг ходник што го обезбедуваат италијанската полиција и ватиканските обезбедувачи.


