(ФОТО) Зеленски: Русија бомбардираше станбена зграда како роденденски подарок за Путин

Објавено:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини руската војска дека намерно убива цивили и бомбардира станбени згради како подарок за Владимир Путин, кој го слави својот 74-ти роденден. Зеленски ги опиша руските напади со беспилотни летала и ракети извршени во текот на ноќта, во кои загинаа најмалку 24 лица, како одвратни.

„Русите сакаа да удрат болно и демонстративно“, рече тој.

„Гардијан“ пишува оти на видеоснимка објавена на социјалните мрежи се гледа како балистичка ракета удира во петкатна станбена зграда во градот Прилуки, во северниот регион Чернихив. Бетонската зграда се урнала, затрупувајќи ги луѓето внатре. Властите соопштија дека се загинати осумнаесет лица, меѓу кои и четири деца.

Зеленски ги именуваше како Олександр, Кирило и Серхиј (кој имал една година), како и осумгодишниот Максим. Тој изјави дека меѓу околу 50-те повредени лица имало и пет деца. Спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините, бидејќи, како што вели тој, сè уште немало информации за неколку жители.

„Денес, на роденденот на Путин, руската армија му ’подари‘ уништување на станбен блок во Прилуки. Русите многу добро знаат дека напаѓаат обични градови, обичен живот. Тоа е апсолутно намерен избор на терор“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Тој призна дека Украина се соочува со тешкотии при соборувањето на непријателските балистички ракети и упати апел до сојузниците да обезбедат пресретнувачки ракети „Патриот“ од американско производство.

„Пакетите за противвоздушна одбрана за нас во овој момент се витална потреба“, рече тој.

Во бомбардирањето, како што вели, биле употребени 70 балистички ракети, како и 46 беспилотни летала на млазен погон, кои во последните недели секојдневно ги тероризираат Украинците. Украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да соборат повеќе од 80 отсто од беспилотните летала.

Во нападите погодени се единаесет региони. Две лица се загинати во Киев, а смртоносни напади имало и во централните градови Кременчук и Александрија, каде што животот го загубиле четворица цивили. Големи штети се предизвикани и во Днипро.