Чупиќ најави намалување на бројот на министерства во Србија

Објавено:

Претседателот на Народното собрание и вршител на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, во првото интервју за РТС по стапувањето на функцијата изјави дека претстојат измени на Законот за министерства и намалување на бројот на министерските ресори.

„Ќе мора да се менува Законот. Сметам дека навистина постои реална потреба за тоа. Сега имаме 25 министерства, пет министри без ресор, плус мандатарот. Тоа е нерационално и непотребно“, оцени Чупиќ.

Тој додаде дека во рамките на пратеничката група на Студентската листа веќе се разговара за бројот на министерства и усогласување на нивните ресори со надлежностите на собраниските одбори.

„Во Собранието има 19 одбори, плус Одборот за правата на детето. Бројот на министерства не мора да биде ист, но треба да биде приближно сличен, со идеја во некои од следните парламентарни состави тој број дополнително да се намали“, наведе Чупиќ.

Претседателот на парламентот не сакаше да прецизира кога Србија би можела да добие нова влада, нагласувајќи дека, и покрај големите очекувања на јавноста, не треба да се подлегнува на притисокот кабинетот да биде формиран што е можно побрзо.

„Сметам дека таквиот притисок и брзање, колку и да се логични и очекувани, се нешто на што не треба да се подлегнува. Многу поважно е да се направи добар избор отколку брз избор“, порача Чупиќ.

Тој ја отфрли можноста ваквиот пристап да се толкува како барање дополнително време за формирање на владата.

„Не бараме никаков тајм-аут. Една добра влада, добро избалансирана во однос на персоналните решенија, ќе придонесе сите да заборават дали до неа се дошло за 20, 30 или 15 дена. Поентата е да добиеме нешто квалитетно, што долгорочно ќе може да заврши добра работа“, нагласи Чупиќ.