Александар Чупиќ, доцент на Сообраќајниот факултет во Белград, е кандидатот на „Студентската листа“ за претседател на Народното собрание на Србија. Гласањето ќе биде денеска, а изборот е меѓу Чупиќ и Стојан Раденовиќ, кого го предложи листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, опозиција во српското собрание. Со оглед на тоа дека „Студентска листа“ го има мнозинството пратенички мандати во Народното собрание, очекувањата се дека ќе биде избран Чупиќ.
Тој изјави дека е подготвен за одговорноста.
„Многу сум горд што бев номиниран за функцијата претседател на Парламентот, подготвен сум да ја преземам таа улога, но не е сигурно дека тоа ќе се случи денес“, изјави Чупиќ вчера (17 ноември), за „Наш портал“.
Александар Чупиќ има 48 години. За него се знае дека сите испити на постдипломските студии ги положил со просечна оценка десетка. Покрај тоа што е доктор на науки и доцент на факултет, живее во село во општина Сопот, јужен Белград, и води земјоделско стопанство. Одгледува органски овошје и зеленчук.
Со сопругата Ана, лекарка по професија, имаат шест деца.
На пошироката јавност Чупиќ ѝ стана познат за време на минатогодишните студентски протести во Србија. Во февруари 2025 година, тој и неговото семејство ги отворија вратите на својот имот во Сопот за да обезбедат преноќиште за студентите кои пешачеа кон Крагуевац, по што активно се придружи во протестните маршеви.
Влезот во политиката
Искуството со студентските пленуми и поддршката за студентското движење го доведоа меѓу кандидатите за претседател на Националното собрание на Србија.
Чупиќ неколку пати истакна дека влегува во политиката со идеја институциите да им се вратат на граѓаните.
Кога студентите го поканија да биде на нивниот изборен список, не прифати веднаш. Тој, како што рече во интервју за „Време“ во септември 2026 година, имаше сериозна непријатност околу можноста да се вклучи во политиката.
„На почетокот не му изгледаше како добра идеја“, рече Чупиќ тогаш.
Тој дури и немаше добро мислење за политичарите.
„Нашите политичари не се професионални, туку хронични политичари“, кажа Чупиќ во интервјуто.
На крај ја прифати понудата. Одлучувачки фактор, како што објасни, било искуството со студентите, начинот на кој тие донесуваат одлуки и подготвеноста да ги слушаат оние кои не се согласуваат со мнозинството. Во ова, тој препознал нешто што, според него, недостасувало во српската политика.
Неговото приближување кон студентското движење почнало во декември 2024 година, кога студентите го поканиле на форум со уште тројца професори. Поканата го изненадила, особено затоа што, како што самиот рече, не се сметал за „лесен“ професор меѓу студентите.
Дотогаш, Чупиќ немал директно искуство со движење организирано од студентскиот пленум. Тој верувал дека професорите пред сè треба да бидат со студентите за да ги заштитат. Но не можел да замисли да седи во кабинетот додека студентите на улица се изложени на опасност, дури и ако протестираат за цели со кои тој лично не се согласува.
А потоа присуствувал на пленумот.
„Тие ги исправаа нашите „криви Дрини“ кои ние не ги исправивме на 6 октомври 2000 година“, рече тој, признавајќи го политичкиот неуспех на генерацијата на која ѝ припаѓа.
Во српската јавност и политика, терминот „6 октомври“ често се користи како симболично прашање – зошто по радикалните промени на 5 октомври, кога падна режимот на Слободан Милошевиќ, не уследило и целосно расчистување со луѓето и со структурата од неговиот авторитарен режим.
Чупиќ не зборува за студентите само како за млади луѓе кои протестираат против владата, туку како за генерација која покажува дека е можно да се организира политичкото донесување одлуки на поинаков начин.
Студентска ноќ во пластениците во Сопот
Кога студентите тргнаа кон Крагуевац, беше тешко да се најде место во Сопот каде што би можеле да преноќат. Чупиќ и неговата сопруга се обидоа да обезбедат спортска сала, балон или друг јавен простор, но беа одбиени. На крајот, тие ги подготвија пластениците на својот имот, пишува „Време“.
Првично, очекувал да пристигнат меѓу 200 и 300 студенти. Како што се приближуваше колоната, проценките пораснале на 500, 600, па дури и 700 луѓе. Чупиќ влегол во автомобил и возел до крајот од колоната за да провери колку студенти всушност доаѓаат. Одеднаш се соочил со голема логистичка задача да обезбеди сместување за сите.
Бил особено воодушевен од однесувањето на некои пријатели кои носеле храна, но не смееле да излезат од автомобилот од страв да не види некој.
„Би прифатил и студенти од контраблокадата ако им требаше место за престој“, рече тој во интервју за „Време“.
Чупиќ инсистира дека неговиот гест не е херојски чин. Тој верува дека тоа е нормална човечка реакција и дека проблемот е токму во општеството во кое елементарна солидарност се претвора во исклучок.
Запеа на завршниот митинг на „Студентска листа“
На завршниот митинг на „Студентска листа“ професорот Чупиќ испеа обработка на народната песна „Ајде Јано“ со текст посветен на студентите.
Митингот се одржа на 23 октомври на плоштадот „Славија“ во Белград.
„Ајде граде, сите со нашите млади… Темнината бледи, зора руди, Србија се буди“, пееше тој.
Видеото од неговата изведба бргу стана вирално.
„Луѓе, мириса на слобода“, рече Чупиќ тогаш, на митингот на кој сите говорници в раце го држеа Уставот на Србија.
Конститутивната седница на новиот состав на српското Народно собрание, на која треба да се изгласа кој ќе го води Собранието, продолжува денеска во 10 часот.


