Се бара притвор за вработен во ДЗС: Зел 32.000 денари за да одобри елаборат

Објавено:

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага и побара притвор за вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), осомничен дека зел поткуп од 32.000 денари за да даде согласност за градежен елаборат иако тој не ги исполнувал безбедносните услови.

Осомничениот како службено лице – вработен во Дирекцијата за заштита и спасување во Одделение за издавање урбанистички согласности бил овластен да потпишува, дава мислење и издава согласност на просторни и урбанистички планови и проекти од аспект на заштитата и спасувањето и елаборати за заштита од пожари, експлозии и опасни материи.

Тој директно побарал и примил пари за да потпише согласност на елаборат, кој всушност не ги исполнувал законските стандарди за градба во делот на заштитата од пожари.

„За да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да даде согласност за елаборат иако тој не ги исполнувал условите за градба во делот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, осомничениот директно побарал и примил поткуп од едно лице во износ од 32.000 денари“, велат од Основното јавно обвинителство (ОЈО).

Заради опасност осомничениот да избега, да го повтори делото користејќи ја својата позиција или да влијае врз сведоците, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка да му биде одредена мерка притвор.