Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против деветмина полициски службеници од Велес за злоупотреба на службената положба и овластување и за неизвршување судска одлука, со што сериозно ги повредиле правата и правото на живот на сега починатата Росица Коцева.
Според истрагата на Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од полициски службеници, обвинетите од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по нејзините пријави за семејно насилство, ниту пак ги спроведувале изречените судски и итни мерки за нејзина заштита.
Дел од полицајците, спротивно на Законот за полиција, воопшто не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат насоки за постапување, а прибраните докази ги чувале во полициските простории во Велес без да поведат никаква постапка.
Триесет и едногодишната Росица Коцева беше убиена во септември 2025 година во својот дом во Велес од нејзиниот поранешен партнер, 39-годишниот Илија Стефановски од Скопје. Во крвавиот напад со остар предмет, Стефановски го усмрти и нејзиниот 68-годишен татко Киро Коцев, кој се обидел да ја заштити ќерката, по што си го одзел животот.
На трагедијата ѝ претходеле месеци континуирано семејно насилство, демнење, закани и палење на автомобилот на Коцева, кои таа повеќепати ги пријавувала во полицијата во Велес од февруари до септември 2025 година.
И покрај изречените судски мерки за забрана за приближување и контактирање, институциите не успеаја да ја заштитат, што по убиството доведе до истрага на внатрешната контрола и обвинителството за сериозни пропусти во полициското постапување.
Убиството на Росица Коцева во Велес не е изолиран инцидент, туку дел од низата случаи на фемицид во земјава во последните неколку години, во кои жртвите најчесто претходно пријавувале насилство и закани од своите партнери или поранешни сопрузи.
Во изминатиот период јавноста беше длабоко потресена и од бруталниот случај во Богданци, каде што младата Билјана беше убиена, а потоа и запалена од нејзиниот партнер, како и од други тешки трагедии низ земјава — меѓу кои убиството на 46-годишна жена со нож во Кочани и покрај претходните пријави, убиството на 35-годишна жена во Скопје од страна на нејзиниот сопруг, како и смртните исходи од семејно насилство во Куманово и Битола.
Невладините организации и активистите за женски права постојано предупредуваат дека токму институционалните пропусти, бавното постапување по пријавите за семејно насилство и несоодветната процена на ризик се клучните фактори поради кои ваквите случаи завршуваат со фатален исход, иако фемицидот со измените на Кривичниот законик од 2023 година беше воведен како посебно, тешко кривично дело.


