Италија е најновата во низата земји што планираат да им го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, следејќи го примерот на држави како Австралија, Бразил и Грција, а се очекува парламентот до крајот на годината да ја одобри владината уредба за тоа.
На децата помлади од 13 години ќе им биде забрането поседување профили на социјалните мрежи.
На малолетниците на возраст од 13 до 15 години користењето ќе им биде дозволено само доколку нивните профили се поврзани со профилот на еден од родителите.
Самостојни профили на малолетниците ќе им бидат дозволени од 16-годишна возраст.
Овие мерки се дел од амандманот на уредбата за безбедност за која се расправа во парламентот, а чие усвојување се очекува до крајот на декември.
Амандманот, во кој увид имаше агенцијата Ројтерс, сè уште не е официјално претставен, но ја има поддршката од десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони. Според парламентарни извори, речиси е сигурно дека ќе биде усвоен.
„Овој амандман би можел да биде пресвртница за сите родители што се борат со дигиталната зависност на своите деца, како и за самите малолетници“, изјави Фабио Рампели, пратеник од партијата „Браќа на Италија“.
Според сегашниот предлог, кој за време на парламентарната расправа би можел да претрпи измени, образовните апликации се изземени од забраната.
Извори тврдат дека компаниите што управуваат со социјалните мрежи ќе мора да ја проверуваат возраста на своите корисници, следејќи ги насоките што ќе ги изработи италијанскиот регулатор за телекомуникации (AGCOM) во рок од девет месеци од стапувањето во сила на уредбата.
Компаниите што управуваат со социјалните мрежи ќе се соочат и со барања за измена на своите алгоритми поради сè поголемата загриженост во целиот свет дека нивните платформи придонесуваат за кризата со менталното здравје кај децата.
Австралија е првата земја во светот што воведе целосна забрана (стапи на сила во декември 2025 година). На сите малолетници под 16 години им е забрането да имаат профили на платформи како ТикТок, Инстаграм, Фејсбук, Снепчет, Јутјуб и Икс. Не постои исклучок ниту со родителска дозвола, а казните за технолошките компании достигнуваат десетици милиони долари


