Европската комисија предложи нов заем од 45 милијарди евра за покривање на потребите на Украина за следната година, соопшти претседателката Урсула фон дер Лајен.
„Потребите на Украина за 2026 година се покриени. Денеска предлагаме дополнителни 45 милијарди евра за покривање на две третини од потребите за 2027 година. Заедно со нашите меѓународни партнери ќе ја зајакнеме Украина“, изјави претседателката на Комисијата.
Новиот заем е наменет за покривање на буџетскиот дефицит, кој Украина го проценува на околу 70 милијарди евра. Европската Унија се обврза да покрие две третини од тој износ, а другите сојузнички земји треба да придонесат со преостанатите 25 милијарди евра.
Европската Унија претходно одобри заем за Украина од 90 милијарди евра за оваа и следната година, но се покажа дека тој нема да биде доволен. Украина ќе треба да го врати заемот само ако и кога Русија ќе плати отштета за разурнувањата што ги предизвика, додаде фон дер Лајен.
Од новите 45 милијарди евра, 20 милијарди се наменети за функционирање на државата, а 25 милијарди за воена помош.
Гаранција за новиот заем ќе биде европскиот буџет. Во случајот со претходниот заем од 90 милијарди евра, три земји – Чешка, Унгарија и Словачка – не сакаа да учествуваат.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека ќе го блокира усвојувањето на седумгодишниот европски буџет доколку сите земји членки не учествуваат во новиот заем.


