Силни руски напади на Русија врз Украина, германскиот канцелар Мерц во ненадејна посета на Киев

Објавено:

Четврти ден по ред главните мостови во Киев се цел на руски напади, додека Москва ги засилува ударите врз критичната инфраструктура во украинскиот главен град, пренесоа светските новински агенции. Северниот мост беше погоден во неделата наутро, само еден ден по првиот удар врз истиот објект со кој беше оштетен коловозот и дојде до прекин на сообраќајот.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека при неделниот напад врз мостот бил оштетен главен топловод, поради што североисточниот реон Десњански привремено остана без топла вода. Во нападот нема пријавени жртви. Кличко на Телеграм објави дека е погоден коловозот на Северниот мост и дека итните служби веднаш се упатиле на терен.

Најновиот напад врз мостот се совпадна со ненадејната посета на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Киев. Додека спасувачките служби интервенираа на местото на настанот, Мерц во градот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што двајцата положија венци за загинатите украински војници. Мерц ја потврди германската поддршка за Украина и вети дополнителна помош за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана.

На мрежата Икс, германскиот канцелар напиша дека Украина се соочува со одлучувачки недели и дека допатувал во Киев за да пренесе дека земјата може да се потпре на Германија. Тој додаде дека германската безбедност зависи од исходот на оваа војна и оти Германија помага и од сопствен интерес. Мерц изјави дека на Украина ѝ е потребна сета помош во претстојните недели и предупреди дека ако Русија не биде запрена, нејзината воена машинерија порано или подоцна ќе се сврти против нив. Откако Мерц стана канцелар во мај 2025 година, Германија е најголемиот поединечен донатор за Украина.