Протест и блокада пред Владата, повик од движењето „Ниту една повеќе“

Објавено:

По последните случаи на насилство врз жени, движењето „Ниту една повеќе“ повикува на блокада пред зградата на Владата в петок со почеток од 13 часот.

Движењето најавува и протест против фемициди, насилство и институционална неодговорност. Протестот го најавуваат за следната среда од 17 часот во паркот „Жена борец“.

„Доста беше од ветувања, молчење, молење и чекање. Бараме одговорност, бараме правда, бараме права! Се гледаме на улица!“, се вели во објавата на „Ниту една повеќе“ на социјалните мрежи.

Најавата за протест доаѓа по случајот со 26-годишната охриѓанка, која изминатиов викенд беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.

Во врска со случајот вчера беше одржан протест и пред Полициската станица во Охрид. Протестот го организира Форумот на жени на СДСМ, и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира.

Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат. Оттаму повикаа и на одговорност и институционална реакција.