Собранието на Србија ниту вториот ден од конститутивната седница не избра претседател на парламентот, па процесот продолжува в четврток во 10 часот.
Пратениците од Студентската листа при крајот на седницата соопштија дека се откажуваат од понатамошна расправа за да го забрзаат процесот, наведувајќи дека опозицијата го опструира веќе втор ден.
За претседател на Собранието се предложени Александар Чупиќ од Студентската листа и Стојан Раденовиќ од редовите на опозицијата.
Шефот на пратеничката група на опозицијата, Александар Вучиќ, и вториот ден од седницата го искористи времето за да зборува за теми надвор од дневниот ред. Тој изнесе и низа обвинувања на сметка на кандидатот на Студентската листа за претседател на парламентот, оспорувајќи ја неговата професија како професор и тврдејќи дека поседува повеќе недвижности.
Вучиќ вети дека ќе го заврши „своето“ излагање до 13 часот в четврток доколку претставниците на Студентската листа не зборуваат.
Пратениците на Студентската листа ја критикуваа работата на претседавачот Стојан Раденовиќ и укажуваа на повреди на деловникот.
Три од четирите малцински партии најавија поддршка за студентскиот кандидат, вклучувајќи го и досегашниот партнер на Вучиќ – Сојузот на војводинските Унгарци.
На неодамнешните парламентарни избори, Студентската листа оствари историски резултат и стана водечка политичка сила во новиот состав на Собранието, испраќајќи ја дотогаш владејачката коалиција предводена од Српската напредна партија (СНС) и Александар Вучиќ во опозиција.
За формирање на парламентарното мнозинство и избор на раководството на Собранието, Студентската листа ја обезбеди поддршката и од три од четирите малцински партии, меѓу кои и Сојузот на војводинските Унгарци, кои со години беа традиционални коалициски партнери на претходната власт.


