Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, изјави дека Бугарија станала „пиратска држава“, додавајќи оти владата не се осмелува да каже кои се пиратите. Вака тој ја коментираше ситуацијата со потонатите бродови во Црно Море, пишува „Оф њуз“.
Борисов иронично се осврна на инцидентот со потонатиот брод што превезувал течен гас, велејќи дека добрата вест од потонатите бродови е тоа што сега сигурно има гас во Црно Море.
„Станавме пиратска држава, а пиратите слободно дејствуваат затоа што владата не се осмелува да каже кои се тие. Многу бродови се потонати и ограбени. Ако работите продолжат вака, ќе бидеме најголемата атракција за оние кои ја сакаат подводната фотографија и бараат наоѓалишта“, се пошегува Борисов.
На прашањето што би направил во таква ситуација, тој одговори дека „би ги уништил дроновите што се движат бавно по вода“, како и дека би ги ангажирал авијацијата и воените системи.
Борисов беше категоричен и дека неговата партија нема да го поддржи буџетот предложен од кабинетот, уште еднаш остро критикувајќи ја владата за преземање нов долг, пишува „Оф њуз“.


