Кинескиот претседател Си Џинпинг вети дека ќе се спротивстави на трговскиот протекционизам, но истовремено приреди топло добредојде за американскиот претседател Доналд Трамп при неговото пристигнување во пресрет на трилатералната средба со висок влог на која ќе учествува и рускиот лидер Владимир Путин.
Си го пречека Трамп на аеродромот, што е првпат да го направи тоа за некој странски лидер откако стана претседател, возвраќајќи на гестот на неговиот колега во заедничката база Ендрус во септември, кога последен пат се сретнаа. Пристигнувањето на Трамп следуваше откако Си и Путин одржаа остри говори пред самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот кинески технолошки центар Шенжен.
Во своето воведно обраќање, Си повика на поддршка за, како што рече, „слободна и отворена трговија“, обидувајќи се да ја прикаже својата земја како стабилен партнер на глобалната сцена, за разлика од САД, кои ги зголемија царините и зазедоа непредвидлив пристап кон надворешната политика под водство на Трамп.
Во својот говор, Путин ги критикуваше западните санкции воведени поради војната на Русија во Украина.
На аеродромот во Шенжен, Си и Трамп накратко се прегрнаа и разменија неколку збора пред да се упатат кон своите колони возила.
„Кина е земја на бонтонот и има традиција да возвраќа на учтивоста“, го цитираше Си, државната новинска агенција Синхуа. Тој додаде дека со нетрпение очекува да разговара за кинеско-американските односи, азиско-пацифичката соработка и глобалната состојба.
Трамп изјави дека секоја средба со Си била „многу пријатна“, објави Синхуа.
Потоа тие им се придружија на Путин и на другите лидери на местото на одржување на самитот на АПЕК на ракување, заедничка фотографија и банкет.
Тројцата лидери ќе се сретнат на маргините в четврток, 19 ноември и потенцијално ќе разговараат за војната на Русија со Украина и војната на САД во Иран, како и за други жаришта како што се трговијата, вештачката интелигенција и нуклеарното оружје.
Средбата предизвика споредби со Конференцијата во Јалта од 1945 година меѓу САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз, со која беа формализирани сферите на влијание, беа поставени темелите на поредокот по Втората светска војна и која стана синоним за договори на големите сили наметнати врз помалите земји.
Забелешките на Си следуваа откако Вашингтон најави дополнителни ограничувања за пристапот на Кина до напредни чипови за вештачка интелигенција од компании како „Енвидија“ (Nvidia), што би можело дополнително да го искомплицира кревкото трговско примирје со Пекинг. Кина вети дека ќе возврати.
„Мора цврсто да го поддржиме мултилатералниот трговски систем заснован на правила со Светската трговска организација во неговото јадро, и да ја поддржиме слободната и отворена трговија и инвестиции“, им порача Си на присутните деловни луѓе.
Западните трговски партнери ја критикуваат Кина за остварување годишни трговски суфицити што надминуваат 1 трилион долари преку политики што го поддржуваат нејзиниот производствен сектор на сметка на нејзините потрошувачи.
Студен прием за Такаичи
Лидерите од Австралија, Канада, Јужна Кореја и други земји беа пречекани од танчари и војници со подигнати пушки, но јапонската премиерка Санае Такаичи слета без никаква церемонија за добредојде.
Нејзината посета на Кина доаѓа во време на раскол меѓу Пекинг и Токио кој започна пред една година, откако таа изјави дека Јапонија би можела да ја распореди својата војска доколку кинески потег кон Тајван ја загрози и нејзината територија.
Во вторникот, Тајван и Јапонија пријавија упади на руски авиони во нивниот воздушен простор.
Путин, кој говореше откако Украина го онеспособи клучниот патен мост Керч што го поврзува Крим со Русија во голем удар врз неговата четиригодишна војна, излезе на сцената по Си, со говор во кој западните сили ги опиша како „поранешни хегемони“.
Тој рече дека Европа е во „понижувачки пад“ и дека антируските санкции воведени по неговата инвазија на Украина имале контраефект.
„Искуството покажа дека традиционалните алатки на економска доминација и де факто принуда во голема мера го отслужија своето, губејќи голем дел од својата моќ за заплашување“, рече Путин.
„Иако санкциите, царините и извозните ограничувања сè уште можат да имаат одреден одвраќачки ефект, тие не се способни да го запрат растот — а уште помалку да ги уништат економиите на конкурентите.“
Во Манила, Трамп вети дека ќе ја продлабочи одбранбената соработка со Филипините, во услови на растечки триења со Пекинг околу спорните територии во Јужното Кинеско Море. Претходно, тој ја спомена можноста за средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Кина, но тоа не е потврдено.
Кремљ оваа недела ги отфрли споредбите со Конференцијата во Јалта како „игри на политиколозите“, но рече дека средбата ќе има големо влијание врз глобалните случувања. Пекинг соопшти дека трилатералната средба ќе го промовира светскиот мир.
Путин го опиша светот како „турбулентен“, но рече дека несогласувањата можат да се решат со „седнување на маса“.
„Затоа очекувам голема потенцијална корист од претстојната трилатерална средба“, порача Путин.


