Европската Унија ќе ги продолжи санкциите против 2600 лица и компании поврзани со Русија во следните три години.
Досега, санкциите против Москва се продолжуваа на секои шест месеци.
Милијардерите Алишер Усманов и Михаил Фридман беа отстранети од списокот на санкционирани лица.
Словачка и Франција побараа исклучок за Усманов, а Луксембург за Фридман, што доведе до контроверзии и неколку состаноци бидејќи одлуката мораше да биде едногласна.
Франција ја повика ЕУ да ги укине санкциите врз Усманов откако се најде под притисок од, како што наведоа, Азербејџан, кој притвори најмалку двајца француски државјани, изјавија за Ројтерс минатата недела тројца европски дипломати. Висок азербејџански дипломат ги отфрли тврдењата во петокот.
Франција јавно не потврди дека инсистирала на укинување на санкциите на ЕУ против Усманов.
Санкциите на ЕУ вклучуваат замрзнување на средства и забрани за патување во 27 земји-членки.
Украина смета дека отстранувањето на санкциите е неприфатливо
ЕУ воведе санкции врз двајцата во 2022 година. Објаснувајќи ги санкциите против Усманов, ЕУ изјави дека тој има „особено блиски врски“ со рускиот претседател Владимир Путин.
Фридман бара 16 милијарди долари од Луксембург во постапка што заврши со арбитража. Дипломатите на ЕУ рекоа дека Луксембург тврдел дека неговиот аргумент за одржување на санкциите на ЕУ против Фридман може да биде ослабен само ако Усманов биде отстранет од листата.
Украина во понеделник објави дека би било „неприфатливо“ Европската Унија да отстрани двајца руски олигарси од листата на санкции, објаснувајќи дека таквата одлука би испратила „погрешен сигнал до Русија“.
Олигарсите Усманов и Фридман „беа ставени на листата затоа што се дел од агресивен руски режим кој води агресивна војна против Украина“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата X.
„Што се промени? Ништо. Бришењето од листата е неприфатливо и би испратило погрешен сигнал до Москва во истиот момент кога притисокот треба да се зголеми“, истакна тој.


