Французите пак на улица против високите цени, ниските плати, состојбата во образованието

Објавено:

Над 100.000 граѓани синоќа излегоа на улиците низ градовите во Франција, петта сабота по ред, на протест против растот на трошоците за живот, лошите услови во училиштата и предлог-законот со кој на полициските службеници би им се обезбедила дополнителна правна заштита при употреба на огнено оружје, пренесоа светските новински агенции.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите се собрале околу 106.000 луѓе, од кои 24.000 во Париз. Организаторите, сепак, тврдат дека низ целата земја протестирале околу 200.000 граѓани, пренесе „Еуроњуз“.

Меѓу присутните имаше припадници на движењето „Жолти елеци“, средношколци, студенти и претставници на синдикатите од образовниот сектор. Во Париз, демонстрантите се собраа на плоштадот „Република“ (Place de la République), традиционално место за големи јавни собири.

Една од главните причини е влошувањето на условите во француските образовни институции.

Мариус Меснил, претставник на средношколскиот синдикат Union Syndicale Lycéenne, изјави дека учениците бараат присуство на наставници во училниците, безбедни училишни објекти и можност за продолжување на образованието на универзитетско ниво. Веќе повеќе од еден месец, Франција е потресена од блокади на училишта и протести. Големите демонстрации организирани од синдикатите во четвртокот собраа повеќе од половина милион луѓе – значително повеќе отколку на денешните собири.

Синдикатите најавија нов штрајк за вторник, откако го отфрлија владиниот предлог за зголемување на минималната плата за 0,6 отсто, оценувајќи го како недоволен.

Еден од клучните поттикнувачи за новите протести е предлог-законот со кој на полициските службеници и жандармите би им се обезбедила дополнителна правна заштита при употреба на огнено оружје за време на извршување на службените должности.

Поддржувачите на предлог-законот – меѓу кои е и партијата на Марин Ле Пен – тврдат дека оваа законска регулатива би спречила полициските службеници автоматски да се сметаат за виновни за пречекорување на своите овластувања.

Од друга страна, синдикатите и демонстрантите предупредуваат дека усвојувањето на овој закон би можело дополнително да го отежне процесуирањето на случаите на полициско насилство.