Покачената минимална плата во Франција стигна до 1500 евра, а синдикатите бараат сто евра повеќе

Објавено:

Од први декември, работниците со минимална плата во Франција ќе добиваат месечно околу 24 евра повеќе. Француската влада најави покачување од 1,6 отсто, со што минималната нето-плата ќе се зголеми од 1.477 на 1.502 евра. Оваа одлука не им се допадна на синдикатите кои бараа покачување од 100 до 150 евра.

„Одлучивме покачувањето на минималната плата да го поместиме на 1 декември и тоа да изнесува 1,6 отсто“, изјави францускиот министер за труд Жан-Пјер Фаранду по средбата со синдикатите и работодавците, пренесе францускиот медиум „Ле Монд“. Со тоа, покачувањето ќе стапи на сила еден месец пред вообичаеното јануарско усогласување.

Според Фаранду, со декемвриското покачување минималната плата за една година пораснала за вкупно за 5,3 отсто, односно за околу 75 евра нето месечно. Премиерот Себастијан Лекорну ја бранеше мерката, оценувајќи дека таа „нема да доведе до губење работни места“, објави „Ле Паризиен“.

Синдикатите бараа најмалку 100 евра повеќе

„Недоволно“, оцени Марилиз Леон, генерална секретарка на Француската демократска конфедерација на трудот (CFDT), пренесе „Ле Паризиен“. Нејзиниот синдикат бараше 100 евра повеќе нето месечно, додека Генералната конфедерација на трудот (CGT) бараше покачување од 10 отсто, односно околу 150 евра, според TF1 Info.

Софи Бине, генерална секретарка на CGT, ги нарече владините мерки „трошки“ и повика на штрајк на 17 ноември, објави „Ле Паризиен“.

Повисок праг за даночно ослободување на прекувремената работа

Владата најави дека прагот до кој приходот од прекувремена работа е ослободен од данок ќе се зголеми од 7.500 на 10.000 евра. За 2027 година најави и продолжување на даночно ослободениот надоместок за гориво до 1.000 евра, кој работодавците можат да им го исплатат на вработените.

Меѓу предлозите е и продолжување на даночното ослободување кога работодавецот покрива до 75 отсто од цената на претплатата за јавен превоз. Владата предлага и олеснувањето за премијата преку која компаниите делат дел од создадената вредност со вработените да се прошири и на компаниите со повеќе од 50 вработени.