Јавното обвинителство и јавниот обвинител Ненад Савески веднаш да ги испитаат околностите за влезот на „Алта банка“ во Македонија, побара СДСМ, најавувајќи кривични пријави доколку не биде преземена постапка.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изнесе тврдења дека во Србија на банката ѝ е одземена дозволата, отворена е стечајна постапка, а нејзиниот сопственик Давор Мацура е уапсен во рамки на истрага поврзана со 380 милиони евра.
„Во Македонија нема никаква реакција од Обвинителството, а тие што ја донесоа Алта банка во Македонија, уште договараат и нов сопственик. Трајко Славески и Христијан Мицкоски ја внесоа Алта банка во Македонија, пералница на пари на Вучиќ со сомнителен капитал“, вели Кузеска.
Таа додава дека има јавно признание од Трајко Славески дека зад одлуката за Алта банка стои Христијан Мицкоски, иако Народна банка треба да е независна институција.
„Не само што му дозволи да купи банка, Мицкоски му дозволи на Мацура да купи и осигурително друштво. Сите овие факти, заедно со јавното признание на Славески за политичко влијание на Мицкоски повикуваат на акција на Обивнителството“, истакнува Кузеска.
Таа го повикува Савески да не чека повик од Мицкоски и нека постапува.
„Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат“.
Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ најавува кривични пријави за Алта банка.


