Италија ја казни компанијата „Мета“ (Фејсбук, Инстаграм) со 805 милиони евра поради користење фотографии и видеа од смарт телефони со Андроид без конкретна согласност од корисниците, соопшти денеска италијанската Управа за заштита на податоците, пренесоа западните медиуми.
Казната, како што објави Управата, се однесува на функцијата за предлози од галеријата при прелистување на Фејсбук, која на корисниците им предлага фотографии и видеа од нивниот телефон за да ги додадат во објавите.
Од Управата велат дека оваа функција го прекршува италијанскиот закон со кој се спроведува директивата на Европската Унија за е-приватност. Ова е убедливо најголемата казна што некогаш ја изрекол италијанскиот регулатор, објави „Политико“.
Истрагата, започната во 2025 година, утврдила дека пристапот до галеријата на корисникот се бара со една единствена дозвола за целата апликација, што според регулаторот опфаќа повеќе функции со различни потреби. Барањето за овластување било проследено со општо предупредување кое не им овозможувало на корисниците да разберат дека одобруваат предлози за фотографии и видеа, пренесе француски „Ле Монд“.
Во соопштението од италијанската Управа за заштита на податоците се наведува дека доколку ваквата дозвола се даде во целост, таа ѝ овозможува на апликацијата да ја чита целата фотоархива на уредот, обично трајно, без корисникот или властите да можат да проверат кои информации всушност се користат.
Регулаторот исто така го одбил приговорот на компанијата за ненадлежност во корист на ирските власти, со образложение дека регулативата за е-приватност не предвидува механизам на едношалтерски систем.
Според одлуката на италијанската управа, Мета има рок од 60 дена одделно и конкретно да побара согласност за оваа функција и јасно да објасни што прави таа и како може да се исклучи. Функцијата исто така мора да биде стандардно исклучена, вклучително и за оние корисници кои веќе ја одобриле.


