Вознемирување на работа како посебно кривично дело – што носи новиот Кривичен законик?

Објавено:

„Тој што на работа или во врска со работата друг го навредува, понижува, физички или психички го злоставува или на друг начин го вознемирува и со тоа го наруши неговото здравје, ако не се исполнети обележјата на друго потешко кривично дело, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Вака гласи дефиницијата за новото кривично дело „вознемирување на работа“ кое се предлага да се воведе со новиот Кривичен законик (КЗ).

Членот кој го опишува ова дело е еден од 40-тината нови што би влегле во македонското казнено законодавство ако се усвои новиот законот. Но, до тоа има уште многу чекори, а до примената во пракса би поминале најмалку две години.

Во анализата во продолжение Колегиум.мк издвојува неколку кривични дела кои во предлог – Кривичниот законик објавен вчера (13 ноември) на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) се обележани како нови членови. Ова е втора финална верзија на предлог КЗ што се објавува на ЕНЕР откако претходно една беше објавена во 2023 година, која исто така ги содржеше најголем дел од новите кривични дела.

Измама и манипулација со спортски натпревари, дезертирање…

Повеќето од нив опфаќаат незаконски дејствија кои и досега беа гонети, но под други, поопшти дела. Таков е случајот со новото делото што се предвидува, а гласи: „измама и манипулација со спортски натпревари“. Казната за ова дело се предвидува да биде или парична или затвор до три години.

Ваквите случаи досега, на пример, се гонеа под постоечките дела како „измама“, „неовластено примање и давање подароци“… Според предлогот, воведувањето на новината не значи дека за лажиран спортски натпревар сторителите во иднина сторителите ќе се гонат исклучиво за „измама и манипулација со спортски натпревари“, а не и за досегашните дела. Тие и понатаму ќе може да се гонат за „измама“ бидејќи во предлогот се предвидува во членот за ова дело да остане ставот поврзан со спортски натпревари, а казната е од една до десет години.

Како нов член е обележано и делото „дезертирање и напуштање на воените должности за време на војна“. Се предвидуваат затворски казни од најмалку пет години или од три до десет години, зависно од околностите и ставот по кој би се гонело одредено лице. Во актуелниот закон слично на ова дело е „самоволно оддалечување и бегство од вооружените сили“. Во предлогот за нов кривичен законик се предвидува да стојат двете кривични дела.

Дела поврзани со нелегално оплодување

Како нови членови во предлогот се предвидуваат и „трговија со делови од човечко тело и човечки ембриони“ со затворска казна од една до пет односно до десет години.

Се предлагаат и дела како „одгледување на ембрион или фетус надвор од телото на жената“ за кое е предвидена строга казна од најмалку десет години.

Наведено е и „недозволено биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител“.

„Тој што со сила или сериозна закана, доведување во заблуда или на друг начин врбува, наведува или намамува жена да стане гестациски носител или посредува во таквите постапки заради стекнување на имотна корист, доколку не се исполнети обележјата на друго потешко дело, ќе се казни со затвор од една до десет години. Тој што преку јавен оглас, јавни медиуми или на друг начин бара или нуди услуга на раѓање на дете на друг за надоместок, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, пишува во двата предлог-става за ова кривично дело.

Тука е и „осакатување на женски полови органи“, но тоа беше воведено во 2023-та со измени на постоечкиот закон, исто како и делата „демнење“, „полово вознемирување“ но и „екоцид“, „уништување на живеалишта“ и др. Тие измени беа направени за усогласување со европски директиви и Истанбулската конвенција (за борба против насилството врз жените). Истите дела остануваат и во предлогот за новиот закон.

Правата на децата, повреда слободи и права на граѓани

Има и неколку члена означени како нови, а поврзани со правата на децата. Тука се „неспроведување на одлуки за заштита на правата на детето“ кое предвидува дека ако некој го попречува спроведувањето на одлуките од суд, центар за социјални работи или друг надлежен орган ќе добие парична казна или затвор до три години.

За „повреда на приватноста на детето“, пак, се предвидува да гони тој што ќе изнесува или пренесува нешто од личниот или семејниот живот на детето или неовластено ќе објавува фотографии, видеа или лични податоци, со што ќе предизвика вознемиреност кај детето, изложеност на потсмев или на друг начин ќе ја загрози приватноста и интересите на детето. Тука се предлага парична или затворска казна до една година.

Покрај овие, во предлог-законот како нов член се наведува и: „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина“ – со казна од една до пет години затвор.

Понатаму има и „повреда на слободата на изразување на националната припадност“ – од шест месеци до пет години затвор; „повреда на правото на здружување“ – со затвор од шест месеци до три години; како и „повреда на слободата на вероисповест“; „повреда на слободата на мислење и изразување“ – за двете парична глоба или затвор до една година.

Загрозување на стабилноста на банкарскиот систем

А, тука е и новото дело околу кое власта и опозицијата веќе упатија меѓусебни прозивки. „Загрозување на стабилноста на банкарскиот систем“ во предлогот за нов Кривичен законик ќе се казнува со затвор од една до пет години.

„Тој што со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, со лажни изјави или исправи ќе изнесе во јавноста неточни информации со што ќе се загрози стабилноста на банкарскиот систем во степен кој налага преземање на законски предвидени мерки за одржување на неговата стабилност како јавен интерес, ќе се казни со затвор од една до пет години“, гласи членот за ова дело.

Во предлог-законот се додава оти нема основ за ова кривично дело ако „изјавата има карактер на општо мислење или се изнесени информации за банкарскиот систем во научно дело или стручна расправа или при вршење на новинарска дејност, согласно правилата на новинарската професија“.

Претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за оваа новина во контекст на нивните обвинувања кон СДСМ дека шири лажни вести и врши саботажа со изјавите што опозицијата ги има изминатиот период околу случувањата со Алта банка.

Социјалдемократите, пак, го прозваа премиерот Христијан Мицкоски дека сака да ја замолчи опозицијата да не зборува за контроверзиите поврзани со Алта банка.

За злоупотреба на службената положба до 15 години затвор

Уште една новина за која се зборуваше јавно е заострувањето на казните за фамозното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ за кое често се гонат функционери.

Зависно од околностите односно од степенот на имотна корист со која се стекнал сторителот, затворската казна во предлогот се движи до 15 години.

Ова дело во септември 2023, заедно со „злосторничкото здружување“, претрпе контроверзни измени и намалување на затворските казни што доведе до застарување на десетици кривични предмети во кои се гонеа поранешни функционери. Тие се донесоа под превезот на европското знаменце односно во пакет кога се вовеода други кривични дела за усогласување со европските закони. Дотогаш, највисока затворска казна што можеше да се изрече за злоупотреба на службената положба и овластувања беше 20 години. Со измените, тоа се промени на „од една до четири години затвор“.

По острите критики, меѓу кои и од Европската комисија, во декември 2025 пратениците изгласаа заострување на казните. Тие ја зголемија казната до 8 години.

Доколку би се изгласал новиот Кривичен законик со затворска казна од 15 години, тогаш тоа нема да важи ретроактивно односно за делата што ќе бидат направени пред донесувањето на законот.

Уште едно дело кое опфаќа високи казни, а слично на злоупотребата на службената положба е и „злоупотреба при јавни набавки или договори за јавно-приватно партнерство“. И за него, зависно од степенот на штета односно имотна корист затворската казна може да биде и 15 години затвор, предвидува предлогот.

На старото ниво – „од една до десет години затвор“ се враќа и казнената политика за делото „злосторничко здружување“ за кое со контроверзните измени од 2023 казната беше симната на максимални три години.

Покрај нови кривични дела, новини има и во однос на казнената политика, како што е на пример „кратка затворска казна“ – член со кој се предвидува во кои случаи може или не да се изрече ефективен затвор за делата до една година. Во делот за казните се споменува и „забрана за вршење пасивно избирачко право“ односно право на сторителот да биде избран ако има казна затвор од најмалку две години и е правосилно осуден за некое дело против човештвото, избирачкото право, половата слобода, службената должност.

Зошто ќе поминат повеќе од две години до примена на новиот Кривичен законик?

Сосема нов Кривичен законик (КЗ) се носи во земјава по цели 30 години. Паралелно со него се подготвуваше и нов Закон за кривична постапка (ЗКП). Тие треба да донесат реформа во казненото право и усогласување со европските закони. Ваквите чекори како дел од обврските државата ги презеде и преку реформската агенда во Планот за раст, усогласен со Европската комисија.

Двата закони кои се на ниво на „предлог“, според информациите што ги објави Министерството за правда на 10 ноември, се пратени за мислење до Европската комисија. На 13 ноември се објавија на ЕНЕР, со што започна и процесот за добивање јавни коментари и предлози. Исто така, во наредниот период ќе следуваат и стручни јавни расправи. Откако сето тоа ќе заврши, во нив ќе се вметнат предлозите, забелешките што надлежните ќе сметаат дека се релевантни. Потоа, законите од Владата ќе се достават во Собранието. По расправата таму, треба да бидат изгласани. Но и гласањето во парламентот не значи дека веднаш ќе се применат во пракса.

„Овој законик влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува по истекот на две години од денот на влегувањето во сила“, пишува во последниот член од предлог-Кривичниот законик.

Инаку, подготовката и на КЗ и на ЗКП започна уште во време на мината власт. Конкретно, на новиот Кривичен законик се почна со работа во 2019, а потоа беше формирана и работната група предводена од академик Владо Камбовски, додека за Законот за кривична постапка работната група ја предводеше од професорката Гордана Лажетиќ.