Нов министер за правда, стари обврски и големи очекувања

Објавено:

На жешкото министерското столче во правда новиот министер Јетон Шасивари го чека можеби најтешкиот тест во споредба со неговите колеги од другите ресори – незавршените задачи на неговиот претходник Игор Филков. Во рацете на дваесеттиот министер по ред од независноста, се правосудните реформи коишто треба да ја одредат иднината на владеењето на правото во земјата.

Новите закони за Судскиот совет и Јавното обвинителство се клучни за намалување на политичкото влијание и зајакнување на независноста на институциите, додека целосно нов Изборниот законик е барање од меѓународната заедница кое треба да донесе поголема правна сигурност и транспарентност. Но, и пари од Брисел бидејќи е дел од Реформската агенда што земјава ја договори со Европската комисија.

Во пакетот обврски што му престојат се и мерки за поефикасна борба против корупцијата, спроведување на Стратегијата за развој на правосудството 2024–2028 и усогласување со европското законодавство. Министерството за правда има задача да испорача реформи што ќе ја вратат довербата на јавноста и ќе ја приближат државата до европските стандарди.

„Министерството за правда ќе остане отворена и професионална институција, посветена на интересите на граѓаните, владеењето на правото и обезбедувањето ефикасен, праведен и достапен правосуден систем“, порача на примопредавањето на фунцијата новиот министер за правда Јетон Шасивари.

Неисполнети реформски ветувања

Неговиот претходник Филков на последниот брифинг со амбасадорите за резултатите од спроведувањето на Реформската агенда во областа на владеењето на правото, се пофали дека во неговиот двегодишен мандат биле изработени околу 30 законски решенија кои се поврзани со Реформската агенда.

„Овој законодавен циклус претставува најобемен реформски процес реализиран од Министерството за правда во толку краток временски период и е јасен доказ за институционалниот капацитет, одговорноста и решителноста со кои се спроведуваат реформите“, истакна министерот Филков.

Од околу 30-те законски решенија за кои зборува Филков, Собранието изгласа само четири од нив, додека, како што велат од Министерството, останатите се наоѓаат во различни фази од законодавната постапка.

Во нивниот извештај е наведено дека тоа значело оти од Реформската агенда се реализирани осум реформски чекори, додека за уште два продолжуваат активностите за обезбедување поширока политичка поддршка, пред сè за Законот за јавното обвинителство и Изборниот законик.

Според мерењата на невладините организации за исполнетоста на Реформската агенда, добар дел од предлог-законите ги побиваат роковите предвидени во неа, за кои државата треба да добие пари за нивна реализација.

Рокот за донесување на нов закон за Судски совет беше пробиен во јуни 2025 година. Имаше грејс период од една година, па пратениците во Собранието изгласаа измени неколку дена пред Нова година. Но, и тој закон, како што беше најавено треба да претрпи нови измени…

Од овој пакет закони, Министерството се пофали дека е донесен само законот за судска служба.

Слична е и состојбата и за новиот Закон за јавно обвинителство кој влезе во собраниска процедура во март година, а требаше да биде донесен лани.

Измените на Изборниот законик блокирани во Парламентот

Една од клучните реформи е измената на Изборниот законик, чиј рок за донесување е оддамна пробиен. Предлог измените се закочени во собраниската битка меѓу власта и опозицијата. Најостриот конфликт е околу начинот на кој ќе гласаат македонските државјани во странство. Власта и опозицијата се караат и околу премин од сегашниот изборен модел од шест на една изборна единица. Проблем се и не вметнатите препораки од меѓународните изборни набљудувачи ОБСЕ/ОДИХР околу зголемување на транспарентноста за финансирањето на политичките кампањи и злоупотребата на државните ресурси во кампањата.

Во текот на вчерашниот ден евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, одговарајќи на новинарско прашање вчера изрази надеж дека последниот ден ќе биде искористен за да се постигне консензус.

„Се надевам дека и овој чекор од Реформската агенда – измените на Изборниот законик, ќе може да се постигне затоа што се работи за 4,2 милиони евра коишто би биле искористени за бенефит на граѓаните на оваа земја, Навистина се надевам дека консензусот ќе може да се постигне“, изјави Рокас.

Професорот по уставно право Шасивари ја доби во наследство и задачата за нов Кривичен законик, исто така дел од Реформската агенда. Пртеходно, Министерството за правда уште во ноември 2025 година соопшти дека текстот е финализиран и се усогласува со повеќе нови европски директиви, по што треба да влезе во владина процедура. Но, засега нема информации до каде е точно оваа процедура.

Професорската теорија ќе се замени со министерската практика

Шасивари најголем дел од кариерата досега ја поминал како професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово каде наставата ја изведува на албански, македонски и англиски јазик. Бил и продекан за настава на факултетот, како и член на универзитетскиот сенат.

Како предавач по уставно право се јавува и во Академијата за судии и јавни обвинители, а последните години бил ангажиран и од поранешните претседатели на државата Стево Пендаровски и од ексспикерот на Собранието, Талат Џафери. Пендаровски во март 2020 го ангажирал како експерт за стручно мислење и консултација во врска со прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата со ковид-19, додека од 2021 до 2023 му бил надворешен советник на Џафери во рамки на европскиот дијалог „Жан Моне за подготовка на новиот Деловник на Собранието.

Шасивари завршил правел факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, магистрирал во Приштина, а докторирал уставно и управно право на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Кои се претходниците на Шасивари?

Негови претходници беа Филков од ЗНАМ кој ретко се појавуваше во јавноста, а претходно Кренар Лога магистер по дипломатија и дипломиран правник од редовите на Алтернатива за Албанците. На ова столче низ годините седнаа професори на Правен факултет, членови на МАНУ, судии и адвокати. Во просек министрите за правда во овие 3 децении на функција се задржувале околу две години. Најдолго време поминато во министерството за правда забележува само поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски чиј мандат изнесувал 5 години, додека најкраток мандат од една година имал Билен Саљији од ДУИ.

Зошто министерското столче во правда е примамливо?

Министерството за правда по правило има помал број на класични јавни набавки, бидејќи дел од неговите функции се нормативни и институционално-правни. Но, затоа Министерот има едно големо дискреционо овластување – да дава разно разни лиценци за функции во правосудството како вештаци, извршители, нотари, има влијание врз затворскиот систем.

Досегашната практика на честа промена на министрите за правда укажува дека ниту една владина коалиција до сега нема воспоставен систем на континуитет во спроведување на клучните реформи во правосудството. На секои парламентарни избори се најавуваат сериозни промени во целокупниот правосуден систем, како што беше на пример, ветувањето за ветинг низ годиниве, кое никој до сега не го спроведе во пракса.