СДСМ со жестоки обвинувања: Неспособноста на власта ја искачи Македонија на врвот во Европа по западнонилска треска

Објавено:

Опозициската СДСМ излезе со жестоки обвинувања до Владата и здравствените власти за, како што велат, тотално задоцнета реакција и неспособност за спречување на епидемијата на западнонилска треска во земјава.

Во црна статистика која го пали алармот во јавноста, Македонија се искачи на самиот врв во Европа по бројот на заболени од западнонилска треска во однос на бројот на жители, тврди опозициската СДСМ повикувајќи се на свои податоци. Според нив, до први септември се регистрирани 56 случаи на заболени и седум смртни исходи. Со тоа земјава зад себе ги остави и значително поголемите држави како Италија, Грција и Романија, велат од СДСМ.

„Државата не менаџира со епидемијата, туку само ги санира штетите, а цената за тоа граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје“, порачуваат од СДСМ.

Тие обвинуваат дека не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести.

 Според најголемата студија за овој вирус, изработена во Америка на над 3.000 случаи, е констатирано дека морбидитетот, односно стапката на заболување со невроинвазивната форма и смртноста е поголема кај мажите. Сите починати од оваа треска во земјава се мажи, соопшти неодамна министерот за здравство Сашо Клековски.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.

За македонските граѓани сѐ уште не поминала опасноста од западнонилскиот вирус, а според стручната фела веројатноста да се заразите од овој вирус нема да помине со намалувањето на температурите в есен. Ако заболените од западно-нилска треска досега беа од јужниот дел на Скопје, сега новите случаи се од северниот и источниот дел од Скопје, кажа неодамна Клековски.

Кога точно ќе се достигне пикот на оваа епидемија не може однапред да се предвиди и токму затоа нема „простор за опуштање“, вели за Колегиум.мк професорот и епидемиолог, Драган Даниловски во интервју објавено минатата недела.

Даниловски посочува дека сами за себе, колку и да се интензивни, мерките не се доволни и дека успешноста не треба да ја оценуваме според бројот на прскања, испратени СМС-пораки или спроведени активности, туку според тоа, што тие активности промениле во конкретните околности.

„Кога точно ќе биде достигнат пикот на оваа конкретна епидемија кај нас не може однапред прецизно да се предвиди. Тој најсигурно се препознава ретроспективно, кога епидемиската крива ќе почне да опаѓа, односно кога ќе покаже континуирано намалување на бројот на нови случаи. Затоа, во овој момент, нема основа за опуштање, сè уште сме во период на активна трансмисија“, изјави Даниловски.

Според професот Даниловски аегашната епидемија отвора и едно дополнително, пошироко прашање, а тоа е колкав дел од овој интегриран систем функционирал пред да се појават тешките човечки случаи? Токму тогаш превентивното јавно здравје треба да ја покаже својата најголема вредност.

„Зашто, ако првиот показател (епидемиолошки сигнал) дека вирусот интензивно циркулира ни е само појавата на тешко заболени луѓе, тогаш надзорот практично ја изгубил својата најважна функција, а тоа е раното предупредување“, додаде тој.

Најголем број хоспитализации бил забележан на 12 август, кога на болничко лекување биле 24 пациенти. 

Последни објави