Министерството за образование и наука планира континуирани активности за спречување на врсничкото насилство и воспоставување стабилен превентивен систем, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека Владата презела повеќе проекти, законски измени и промени во училиштата со цел превенција и санкционирање на врсничкото насилство.
Мерките опфаќаат промени во организацијата на наставата и распоредот на наставниците, поголема грижа во училиштата, но и санкции за родители чии деца повторно вршат врсничко насилство.
„Предвидовме исклучително многу активности за сузбивање на врсничкото насилство. Презедовме проекти и законски измени, како и промени во училиштата“, истакна Јаневска.
Во однос на соработката со Град Скопје, министерката информираше дека разговорите засега се одвиваат на ниво на службите, а дополнително ќе се разговара и со градоначалникот за активностите што треба да се спроведат.
Јаневска нагласи дека целта е активностите да не бидат само привремени проекти, туку да се воспостави стабилен систем кој континуирано ќе делува на спречување на врсничкото насилство.
Врсничкото насилство останува сериозен проблем во училиштата. Од почетокот на 2026 година до јуни биле регистрирани 93 инциденти во 64 училишта, или приближно еден случај на секои два дена.
Алармантни се и случаите во кои е употребено оружје.
Дете на возраст од 13 години се бори за живот на скопската клиника откако во тепачка во скопски Чаир беше прободено со нож. Тепачката се случи на 31 август, меѓу момчиња на возраст од 13 до 19 години, при што три момчиња беа повредени. Во инцидентот биле користени ножеви, пендреци и безбол палки.
Во мај 15-годишен ученик беше прободен со остар предмет во училиште во Ченто, додека во јули 12-годишно момче беше нападнато и прободено со нож во Шуто Оризари.
Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека проблемот е многу поголем, односно 23 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека биле малтретирани од врсници во последните неколку месеци.


