Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави против 18-годишна девојка од липковското село Лојане и против две малолетнички од Куманово на возраст од 14 и 15 години, во врска со најновиот случај со врсничко насилство во Куманово за кој беше објавена и видеоснимка на социјалните мрежи.
Трите се осомничени дека извршиле насилство врз 14-годишно девојче.
Според МВР, на 13 март 18 часот тие го повикале девојчето да излезе од својот дом, го убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово, каде прво ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале, и целиот настан го снимале со мобилен телефон. По насилството осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува настанот и да не зборува за снименото видео, бидејќи во спротивно ќе ѝ се случи нешто уште полошо.
Од Основното јавно обвинителство – Куманово веднаш по појавата на снимката отвориле предмет и итно постапуваат за да ги откријат сите околности.
„Случајот ќе се работи по итна постапка. Едната инволвирана е полнолетна, додека другите две се малолетнички. Настанот се случил пред четири месеци и до денеска не сме имале пријава. Откако снимката беше објавена, веднаш почнавме да постапуваме“, изјави за државната агенција МИА, шефицата на ОЈО Куманово, Бедиу Рамадани.

Ова е втор случај на врсничко насилство за кој месецов е објавена видеоснимка на социјалните мрежи. Претходниот беше во скопски Аеродром, кога 12-годишно девојче беше нападнато од свои врсници.
Пред тоа сличен случај имаше и во Штип.


