Нов случај на врсничко насилство снимен со телефон, овој пат во Куманово

Објавено:

Уште се свежи сеќавањата на македонската јавноста на случаите со врсничко насилство во Аеродром, а претходно и во Штип, на социјалните мрежи се појави ново видео.

Овој пат станува збор за врсничко насилство снимено во Куманово. На снимката што кружи на интернет, жртва е девојче кое е нападнато од три други девојки.

Неофицијално, станува збор за насилство од пред три-четири месеци, кое сега е пријавено.

Од Основното јавно обвинителство – Куманово веднаш по појавата на снимката отвориле предмет и итно постапуваат за да ги откријат сите околности.

„Случајот ќе се работи по итна постапка. Едната инволвирана е полнолетна, додека другите две се малолетнички. Настанот се случил пред четири месеци и до денеска не сме имале пријава. Откако снимката беше објавена, веднаш почнавме да постапуваме“, изјави за државната агенција МИА, шефицата на ОЈО Куманово, Бедиу Рамадани.

И од полицијата излегоа со слични информации – итно постапуваат за да ги проверат сите околности.