Кривични за четири малолетници и пет родители за нападот врз 12-годишното девојче во Аеродром

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е целосно расчистен случајот со физичкиот напад врз 12-годишно девојче, кој се случи на 30 јуни во парк во скопската општина Аеродром.

Според МВР, Одделението за криминалистички работи Аеродром и Драчево, во координација со Одделението за криминалистички работи Кисела Вода, до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривични пријави против четворица малолетници и петмина родители.

Кривични пријави за делото „насилство“ се поднесени против две малолетнички. Против еден малолетник е поднесена пријава за „поттикнување“ во врска со насилството и за „неовластено снимање“, додека против уште еден малолетник е поднесена пријава за „неовластено снимање“.

Исто така, кривични пријави се поднесени и против пет родители – И.В., М.В., М.П., И.А. и И.А. – поради сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“.

Случајот се однесува на инцидентот во кој 12-годишното девојче било физички нападнато од малолетнички, додека други присутни малолетници го снимале настанот со мобилни телефони.