Обвинителите бараат од Уставниот Суд поголеми плати

Објавено:

Уставниот Суд итно да ги стави на дневен ред поднесените иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители, се вели во барањето од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) и Здружението на јавните обвинители.

„Со одлука на Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители се изразува сериозна загриженост поради непостапувањето на Уставниот Суд по поднесените иницијативи, со што не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку и се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција, што е во спротивност со европските и меѓународните стандарди“, стои во соопштението на ЈОРСМ.

Оттаму наведуваат дека за јавнообвинителската фела нема никакво двоумење во поглед на оправданоста на поднесените иницијативи, уште повеќе што и самиот Уставен Суд во своето решение одлучил да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на овие законски решенија.

„Со оглед на вака заземениот став на Уставниот Суд, за јавните обвинители е несфатливо секое одлагање на одлуката или доведување во прашање на принципите на независност и самостојност во постапувањето на јавното обвинителство, за кои Уставниот Суд веќе се произнел и ги потврдил како неспорни“, истакнуваат од ЈОРСМ.