Свештеник во Еквадор починал во саботата откако голем дрвен крст паднал од ѕид и го погодил смртно за време на пренос во живо на миса, објави Њујорк тајмс.
Отец Патрицио Алфредо Санчез Молинари, парох на црквата „Нашата Госпоѓа од Постојана Помош“ во градот Гвајакил, зборувал пред својата парохија кога се случила несреќата.
Видео кое се пренесувало во живо на неговата страница на Фејсбук, потврдено од „Њујорк Тајмс“, го прикажува отец Санчез Молинари како стои во светилиште исполнето со цвеќиња, пред голем ѕиден мурал во чиј центар се наоѓа масивен крст. Тој ги ставил очилата за читање и започнал да зборува — „Да се помолиме на Господ“ — неколку моменти пред крстот да се оддели од ѕидот.
Свештеникот, свртен кон својата парохија, не го видел крстот како паѓа зад него и се срушил кога го погодил.
Неколку минути пред несреќата, тој размислувал за смртноста, велејќи во својата проповед дека луѓето губат часови скролувајќи по телефоните или гледајќи телевизија, но премалку време му посветуваат на Бог и на најблиските.
„Сите ние ќе умреме. Понекогаш времето кое сме го потрошиле на некои работи има многу помалку значење од времето кое го поминуваме со Бог — квалитетното време кое му го даваме на Бог, на нашите браќа и сестри, на сопрузите, сопругите, децата и семејствата. Тоа е најдобро потрошеното време“, рекол свештеникот.
По падот на крстот, во видеото се слушаат извици и врескање од присутните на мисата. Неколкумина потрчале кон олтарот да помогнат пред видеото да се прекине. Не било јасно што ја предизвикало несреќата. Локалните власти веднаш не одговориле на барањата за коментар.
Архиепископијата на Гвајакил ја потврдила смртта на свештеникот во објава на социјалните мрежи во неделата, пишувајќи дека тој „заминал во Домот на Отецот за да се радува во Неговото присуство и слава.“


