На денешен ден, пред 19 години, македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше 10 години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 година и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик.
Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.


