На аеродромот Келн-Бон запрен маж со куфер полн со отровни змии

Објавено:

На германскиот аеродром Келн-Бон бил запрен маж кој се обидел да прошверцува повеќе од 90 гуштери и отровни змии скриени во багажот.

Цариниците забележале дека 45-годишниот мексикански пожарникар бил „невообичаено нервозен“ додека се обидувал да помине низ зелениот излез, наменет за патници кои немаат ништо за пријавување.

Му направиле тест за дрога, кој покажал позитивен резултат на кокаин, а потоа го прегледале неговиот куфер. Не пронашле дрога, но во багажот ги дочекало сосема поинакво изненадување.

Цариниците пронашле поскоци, ѕвечарки и други видови змии, како и гуштери, меѓу кои и игуани. Животните биле скриени во шишиња за пакување шампони и кремови, различни пластични садови и завиткани чорапи.

„Моите колеги на аеродромот се навикнати на секакви работи кога станува збор за сувенири во куферите, но досега никогаш не сме имале 37 живи отровни змии и 55 гуштери од Мексико“, изјави Јенс Аланд, портпарол на царинската управа во Келн.

Некои животни биле чувани во нехумани услови, а многу од нив угинале за време на патувањето од Мексико Сити, преку Истанбул.

Мажот, чие име не е објавено, им рекол на службениците дека ги донел животните како услуга за познаник од Бразил.

Му бил забранет влез во Германија и веднаш бил вратен со авион во Истанбул.

За преживеаните животни се погрижиле вработени во фарма за змии во Германија.