Руска пропаганда во Македонија: Лажните вести се шират, но колку влијаат?

Објавено:

Руска пропаганда и дезинформации се шират преку портали и социјални мрежи, но не влијаат врз официјалната политика што ја води Македонија, велат соговорници со кои разговараше Колегиум.мк откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) денеска соопшти дека покренала истрага за „македонски државјанин надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.“

Во последните три години, граѓански организации објавија неколку истражувања во кои велат дека има руско влијание во онлајн-просторот во Северна Македонија, особено по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, чија цел е да создадат перцепција дека Северна Македонија нема заеднички интереси и вредности со западниот свет, да придонесат кон создавање отпор кон Европската Унија(ЕУ) и НАТО и да ги продлабочат политичките и економски поделби.

Тоа влијание, според соговорниците, најчесто доаѓа преку српски интернет – портали, кои пак имаат руски врски во позадина. Во тој контекст, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го прозива министерот за локална самоуправа и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, обвинувајќи го дека работи на српско-руска агенда и бара негова смена.

Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност, вели дека руска пропаганда постои, како и пропаганда од други држави, чија цел е да предизвика одреден ефект кај граѓаните и да доведе до недоверба во системот.

„Најлесен начин за ширење е преку сајбер-просторот. Но, ја има и во сите сегменти на општественото живеење, може да делува преку разни поддржувачи во политичкиот живот, во верскиот живот, во невладин сектор или информациите да се пренесуваат од човек на човек. Државите во ЕУ, како и државите од Западен Балкан, ги чувствуваат тие хибридни закани“, вели Димовски.

Трајанов: Русија нема влијание врз политиките на Македонија

Но, Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција и Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, вели дека руски наративи се присутни само во онлајн просторот.

„Русија нема никакво влијание врз надворешната и безбедносната политика на Македонија, преку Владата и Парламентот, која е усогласена со политиките на ЕУ“, вели Трајанов за Колегиум.мк.

Македонија нема закон со кој може да следи странско влијание и радикализација во онлајн просторот. Таков закон допрва ќе се подготвува, при што треба да има посебна платформа за да се следат објавите на социјалните мрежи. Вклучени се експерти од ЕУ, но домашните институции уште не успеале да формираат ни работна група.

Псевдо – портали за лажни вести

Агенцијата за национална безбедност објави дека деструктивна пропагандна мрежа во Македонија работела во корист на руските интереси и на странски фактори. За таа цел на 18 септември биле преземени истражни дејства против македонски државјанин, за кој постојат сомнежи дека е поврзан со странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.

Тој е осомничен за кривични дела „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, „оддавање службена тајна“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Бил претресен домот на осомничениот при што биле одземени предмети што се дадени на вештачење.

Според соопштението на АНБ, вистинските актери на оваа пропагандна мрежа се кријат зад клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет-домен. Преку нив, како што наведува Агенцијата, се ширеле лажни вести и дезинформации, а се вршело и преобликување на наративи за актуелни настани со што се поткопувала довербата во институциите и се поттикнувале етничка и национална омраза и нетрпеливост.

„Наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, пишува во соопштението на АНБ.

АНБ објави дека македонски државјанин ширел руска пропаганда ден пред утрешната посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Скопје.

Руската пропаганда во македонските медиуми

Граѓанската асоцијација „Мост“ ја истражуваше руската пропаганда во македонскиот медиумски простор во периодот 2022- 2023 година, при што биле обработени повеќе од 4.000 статии и повеќе од 10.000 објави на Фејсбук. Заклучоците беа објавени во студија „Една година од руската агресија врз Украина“.

„Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари од регионот, па и пошироко, кои се руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура“, изјави тогаш Росана Алексоска, авторка на студијата.

Во истражувањето „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2025 година“ на фондацијата „Метаморфозис“ се утврдува колку граѓаните на Македонија се изложени на дезинформации и колку дезинформациите влијаат врз нив.

„Подложноста на про-руските дезинформациски наративи останува речиси непроменета. Најилустративен пример е тврдењето дека „во Украина постојат американски лаборатории за биолошко оружје“ – наратив кој со години циркулира во регионалните медиуми и социјални мрежи и во кој веруваат 39 отсто граѓани, како во 2023, така и во 2025 година. Сепак, свесноста на граѓаните за присуството на про-руските влијанија во земјата расте. Во 2023 година 17 отсто граѓани сметале дека во земјава има извори и ентитети кои ги промовираат руските интереси, во 2025 година овој процент пораснал дури на 29 отсто. Се бележи значителна промена на геополитичките ставови на граѓаните. Во 2023 година, 35 отсто граѓаните го фаворизирале сојузништвото со Русија, наспроти 26 отсто сојузништвото со САД и ЕУ. Во 2025 година, 43% од граѓаните се за ориентирање кон САД и
ЕУ, додека само 22% го поддржуваат сојузништвото со Русија“, пишува во истражувањето.

Уште кон крајот на феврари 2022, една недела по почетокот на руската воена инвазија во Украина, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), по препорака на владата им укажа на кабелските оператори да ги исклучат руските информативни канали што се реемитуваат во Северна Македонија.

Препораката дојде по одлуката на земјите членки на Европската унија да ги забранат „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на ЕУ. Двете руски телевизии беа целосно тргнати од македонскиот етер дури по носењето одлука на Влада со која им се наложи на операторите да ги исклучат каналите.