АНБ: Истрага поради ширење руска пропаганда на интернет

Објавено:

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) соопшти дека во координација со други надлежни институции презела „истражни дејствија кон македонски државјанин надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.“

Поради основано сомнение дека е сторител на кривични дела „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, „одавање службена тајна“и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, извршен е претрес во неговиот дом при што се пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење, се вели во соопштението.

Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен.

Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост.

Наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, се вели во соопштението на АНБ.