35 години од донесувањето на Уставот на Македонија

Објавено:

На 17 ноември 1991 година Собранието на Македонија го донесе првиот Устав на независна Македонија, откако на 8 септември истата година во земјата беше успешно спроведен референдум за независност со кој државата формално се одвои од поранешна Југославија и воспостави сопствен уставно-правен систем.

Текстот го подготвуваше експертска група составена од професорите Љубомир Фрчкоски, Владо Поповски, Лазар Китановски и Димитар Мирчев.

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.

Уставот почна да се менува речиси веднаш по неговото донесување. Првите измени беа усвоени уште на 6 јануари 1992 година.

Амандманите I и II се однесуваа на границите и на односот спрема македонското малцинство во соседните држави, а беа донесени под притисок на Грција и на меѓународните фактори.

Во следните децении Уставот претрпе значајни промени. Амандманите IV–XVIII, донесени по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година, ги изменија и преамбулата и одредбите што се однесуваат на јазиците.

Името на државата беше сменето по Преспанскиот договор, кога Собранието на 11 јануари 2019 година ги донесе амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI.

Текстот од 1991 година денес има вкупно 36 амандмани. Дебатата за тоа дали Уставот треба и натаму да се надградува со амандмани или, пак, е време за изработка на нов, интегрален текст, повторно се отвора секогаш кога на дневен ред ќе се најдат нови уставни измени.

По овој повод во Собранието ќе биде прикажан документарниот филм „35 години од донесувањето на првиот Устав“.