Влијание природно веројатно има, го има секаде, но прашање е како ќе се поставиме ние кон него, вели новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, откако денеска ја презеде функцијата од нејзиниот претходник Ислам Абази.
Таа вели дека е во прашање само политичко туку и други влијание.
„Веројатно ќе ги има и овде особено на оваа позиција, шеф на ОЈО ГОКК. Тоа не се единствено влијание од политичарите, ние низ работата чувствуваме влијанија од различни центри на моќ – бизнис, други интересни групи. Суштината е како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија. Нашиот интегритет тука се гледа, а влијание имало, има и ќе има веројатно, но прашањето е како ние ќе се однесуваме со истите“, изјави Хаџи Василева.
Таа беше избрана за шефица на ОЈО ГОКК на непосредни избори на 28 октомври, по што на 12 ноември даде заклетва.
Денеска, 16 ноември, официјално ја презеде функцијата од Ислам Абази чиј четиригодишен мандат заврши.
По примопредавањето двајцата имаа средба со републичкиот обвинител Ненад Савески.
Хаџи Василева најави дека со преземање на функцијата прво ќе се зафати со оние прашања што се приоритет, а тоа се административните процедури. По нив, ќе следи решавање на внатрешни прашања околу организацијата со оглед дека сега е период кога се прават годишните распоредувања на обвинителите.
Дел од ОЈО ГОКК е и Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, каде се водат неколку важни случаи – предмети поврзани со постапувањето на полицијата во однос на дискотеката „Пулс“ во Кочани, постапувањето на полицајци во неколку случаи со фемициди итн.
На прашања од новинарите за ова одделение, Хаџи Василева посочи дека тука има простор за подобрување на состојбите иако нагласи дека тоа е обременето со бројот на предмети.
Веројатно во овој иден период треба да се размислува, во суштинска смисла да се размислува, за позицијата на ова одделение и за видот на пристап во однос на одговорноста, бидејќи одговорноста на полициските службеници е широка: имате и дисциплинска и кривично-правна. Мислам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот е на тој став, така што останува тоа да биде едно од прашањата со кои после првите административни ќе се занимаваме секако и со шефот на одделението … на обвинителството“, изјави Хаџи Василева.
Републичкиот обвинител Ненад Савески и посака успех, додека за нејзиниот претходник Ислам Абази оцени дека задоволително си ја вршел работата бидејќи немал некое противзаконско дејствие, никој од обвинителите во ОЈО ГОКК не се пожалил на него како шеф итн.


