Бугарските пратеници Ивајло Мирчев и Божидар Божанов од „Да, Бугарија“ бараат оставката од претседателот на бугарската Државна агенција за национална сигурност (ДАНС), Пламен Тончев, како и истрага во службата. Причините за нивните барања се аудио снимките од разговори кои ги објави јутјуберот Станислав Цанов, а според кои наводно, разузнавачи на ДАНС ѝ се заканувале дека ќе го сопрат лекувањето и државната поддршка за Ива Михајлова ако не постапува како што ќе ѝ кажат.
„Ако целата оваа работа се покаже како точна, тоа би било огромен скандал и нема да биде доволна само оставката на шефот на ДАНС (Државна агенција за национална безбедност), туку ќе мора да има многу длабока и суштинска реформа во агенцијата, ако не и целосно преосновање“, изјави копретседателот на „Да, Бугарија“, Божанов, во утринската емисија на Радио ФОКУС.
Според него, овој случај е повод да се расплетка целата „пајажина “ околу ДАНС и начинот на кој агенцијата ги злоупотребува своите овластувања.
„Има одлука на Европскиот суд за човекови права со која се осудува Бугарија, токму поради недостигот од доволна надворешна контрола врз ДАНС“, соопшти тој.
Михајлова која на нелегален начин ја напушти Македонија, иако во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа со смртен исход, беше во центарот на вниманието на бугарските и на македонските медиуми по наводни изјави за притисок од бугарските служби. Таа е девојка од Кочани со двојно државјанство – македонско и бугарско и е обвинета за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по учеството во сообраќајка на 7 октомври 2025 на експресниот пат Кочани – Штип, во која имаше и загинат.
Аудио снимките кои може да ги слушнете подолу во текстот, ги објави јутјуберот Станислав Цанов тврдејќи дека службите и забраниле на Михајлова да гостува во неговиот поткаст. Таа по објавата на аудио разговорите, не ја негираше автентичноста на аудиото, но демантираше дека некој на принудувал на нешто.
„Сакам да истакнам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката од целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден. Не сакам да бидам дел од политички спорови и нема да коментирам повеќе на оваа тема. Оставете ме да се лекувам на мира“, пишува во нејзината порака објавена на социјалната мрежа Фејсбук.

ДАНС исто така ги негираше обвинувањата и ја доведе во прашање веродостојноста на снимките.
„Агенцијата си прави што сака, сè под капата на националната безбедност. Тие одбиваат да дадат каква било информација, а тоа никако не може да биде конструкција што функционира“, рече бугарскиот пратеник Божанов во утринската емисија.
Кој е јутјуберот Станислав Цанов?
Имено, бугарскиот новинар и јутјубер Станислав Цанов, кој посвети цела емисија на Михаилова со наслов „ЌЕ ИЗЧЕЗНЕШ“ – заканата од ДАНС, објавувајќи и разговори со неа, тврди дека се договориле таа да гостува во неговиот поткаст, но неколку часа пред снимањето му откажала.
Според разговорите што Цанов ги објавуви, Михаилова му посочила дека од службата ѝ кажале да гостува кај Карвобски, бидејќи нему може да му кажат кои прашања да ги постави. Ако гостува на друго место пред тоа, ДАНС наводно ѝ се заканиле оти снимката од тоа гостување ќе биде избришано, а дополнително Михаилова ќе ја изгуби и ветената рехабилитација од државата и помошта околу адвокатите.
Цанов во емисијата пропагира дека Михаилова е невина и оти била прогонувана во Македонија само затоа што се декларирала како Бугарка.
Станислав Цанов е познат бугарски јутјубер и новинар, автор на популарниот канал „Цанов напред и нагоре“, кој претходно работел во телевизијата „Алфа“ на партијата „Атака“. Во текот на годините тој се утврди како контроверзна фигура на медиумската сцена во Бугарија, чии истражувања и емисии често предизвикуваат бурни јавни реакции и политички скандали.
Од една страна, неговите поддржувачи го гледаат како истражувачки новинар кој храбро отвора чувствителни теми и открива коруптивни практики, додека од друга страна дел од фелата му замерува на сензационализмот, неизвесната веродостојба на одредени извори и употребата на материјали чиј контекст често е оспоруван од институциите. Кариерата му е обележана и со повеќе истакнати расправии со политичари, бизнисмени и државни структури, поради што неговите настапи редовно се предмет на остри општествени дебати.


