АЕТМ: Македонците купуваат онлајн, а плаќаат во кеш

Објавено:

Половина од онлајн купувачите во Македонија плаќаат исклучиво во готовина при достава, а кај повозрасните овој удел достигнува 82 насто, покажува новата „Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во Северна Македонија, 2026“, спроведена од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) со поддршка на Visa и презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје.

Анализата уште открива значителен јаз меѓу пристапот до платежни инструменти и нивната реална употреба.

Иако 75% од возрасните граѓани поседуваат дебитна картичка, дигиталните плаќања сè уште заостануваат.

Во Македонија, 84,3% од возрасното население поседува сметка во финансиска институција, а 75,2% има дебитна картичка.

Само 27,4% од возрасните граѓани користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход.

Со други зборови, проблемот не е толку во тоа дали граѓаните имаат пристап до финансиски инструменти, туку дали и како ги користат.

Купуваат онлајн, но половина плаќаат исклучиво во кеш

Овој јаз станува уште поочигледен кога ќе се погледнат платежните навики на граѓаните кои веќе купуваат преку интернет.

Според Global Findex 2025, околу половина од онлајн купувачите во Северна Македонија користеле дигитално плаќање (50%), слично како во Србија (49,3%), додека во економиите со повисок среден доход овој удел достигнува 90,9%.

Дури 87,3% од онлајн купувачите користат готовина при достава барем понекогаш, додека само приближно еден од осум купувачи целосно се потпира на дигитално плаќање.

Возраста прави најголема разлика: 82% од онлајн купувачите над 55 години плаќаат исклучиво во готовина.

Наодите укажуваат дека зголемувањето на дигиталните плаќања бара повеќе од развиена техничка инфраструктура.

Потребни се активности за градење доверба, едукација на потрошувачите, подобро корисничко искуство и дополнителни стимулации за користење безготовински платежни методи.

Притоа, целта не е укинување на плаќањето при достава, кое и понатаму има важна улога во домашната е-трговија, туку создавање услови дигиталното плаќање постепено да стане попривлечен и попрактичен избор.

Овие наоди се дел од пошироката анализа, чија цел е преку конкретни податоци и препораки да се придонесе кон промена на платежните навики, поголема доверба во онлајн плаќањето и забрзан развој на е-трговијата во земјата.