Бајден виновен за крахот на авионскиот сообраќај во САД, тврди Трамп

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини администрацијата на демократот Џо Бајден, кој беше на власт меѓу двата претседателски мандата на Трамп, за масовното приземјување на авионите во петокот, кое го наруши домашниот и меѓународниот авиосообраќај низ целата земја.

Во својот прв коментар за инцидентот, откако американските власти ги приземјија авионите на неколку часа поради дефект во комуникацискиот систем кој ги зафати сите центри за контрола на летање, американскиот претседател Доналд Трамп го оцени управувањето на администрацијата на Џо Бајден со авијацискиот сектор како „катастрофа“.

– Сè што допреа тргна наопаку, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.

Тој спомена и „огромни суми пари кои непромислено се трошат, правејќи го и онака застарениот и неисправен систем уште полош отколку што беше“.

Петочниот прекин е најнов показател за проблемите во американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај, кој се соочува со дефекти на опремата, проблеми во комуникацијата и недостиг од контролори на летање, додека Федералната управа за воздухопловство (FAA) се обидува да ја замени застарената инфраструктура, истакнува Ројтерс.

Во петокот во сила беше забрана за летање во САД, воведена поради дефект во комуникацискиот систем на центрите за контрола на воздушниот сообраќај, кој предизвика хаос на аеродромите и доведе до најдолгиот национален прекин на авиосообраќајот од терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Во текот на ноќта беа одложени 10.000 летови, а 4.000 беа откажани. Авиосообраќајот беше парализиран од источниот до западниот брег на континентот.

Од контролата на летање соопштија дека немало прекин на комуникацијата со ниту еден авион и дека сите летала безбедно слетале.