Милиони долари закопани во шуми и скриени во сефови: Нов корупциски скандал во Унгарија

Објавено:

Унгарските власти запленија околу 19,5 милиони долари во готовина, пронајдени на различни локации низ земјата – закопани во шуми, скриени во магацини, земјоделски објекти и сефови, објави британски „Гардијан“.

Големата акција била спроведена на 12 и 13 ноември, во рамките на истрага против Миклош Шестак, поранешен министер за национален развој во владата на Виктор Орбан, кој ја извршувал функцијата од 2014 до 2018 година.

За време на претресите биле откриени огромни количества готовина на повеќе изолирани локации, а запленетите пари биле префрлени во унгарската државна каса. Дванаесет вработени осум часа ги броеле банкнотите со помош на пет машини за броење пари.

Шемата на Шестак според обвинението

Шестак е осомничен за примање мито и нелегални провизии во вредност од повеќе од 37 милиони долари.

Истрагата опфаќа сомневања за корупциска шема поврзана со купување половни автобуси за државната транспортна компанија по цени значително повисоки од пазарните, како и со градежни проекти. Тој ги негира обвиненијата.

Истрагата е дел од пошироката акција на новата унгарска влада за испитување на наводните злоупотреби на државни средства за време на 16-годишното владеење на Виктор Орбан.

Премиерот Петер Маѓар ја оцени заплената како можна пресвртница во борбата против корупцијата, изјавувајќи дека ова го означува крајот на „мафијата Фидес-КДНП“.

Орбан без коментар

Поранешниот премиер Виктор Орбан засега не ја коментирал најновата заплена, а претходно истрагите против неговите поранешни соработници ги оценуваше како политички прогон.

Орбан претходно беше засегнат и во случајот со обвинувањето на неговиот брат, Арон Орбан, за „трговија со мигранти“.

Унгарски суд му одреди едномесечен притвор на Арон Орбан, брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, поради сомневање дека бил дел од организирана криминална група која се занимавала со криумчарење мигранти.
Арон Орбан и уште три лица беа уапсени во понеделникот во заедничка акција на Националното биро за истраги, Националната канцеларија за повраток и заштита на имот и Европол. Според истрагата, осомничените од 2022 година наводно им помогнале на повеќе од сто државјани на Виетнам да добијат визи, при што за посредувањето наплаќале паричен надомест. Во рамки на акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Будимпешта, Фот и Дунакеси. Истражителите заплениле документи, електронски уреди и друга опрема што може да послужи како доказ во истрагата за трговија со луѓе и корупција.

Виктор Орбан денеска ијави дека е „100% сигурен дека неговиот брат Арон е невин по обвинувањата“.