Нова епизода од аферата Ива Михаилова и бугарските тајни служби: Немам притисоци во Бугарија

Објавено:

По вчерашните снимки од Бугарија, во кои беа изнесени тврдења за притисоци од бугарската тајна служба врз Ива Михаилова, таа денеска преку објава на Фејсбук порача дека „во Бугарија никој не ја принудувал на ништо“.

Вчера Ива Михаилова, која на нелегален начин ја напушти Македонија иако во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа со смртен исход, беше во центарот на вниманието на бугарските и на македонските медиуми по наводни изјави за притисок од бугарските служби.

Имено, бугарскиот новинар и јутјубер Станислав Цанов, кој посвети цела емисија на Михаилова со наслов „ЌЕ ИЗЧЕЗНЕШ“ – заканата од ДАНС, објавувајќи и разговори со неа, тврди дека се договориле таа да гостува во неговиот поткаст, но неколку часа пред снимањето му откажала. Причината, според Цанов, била тоа што бугарската тајна служба – Државната агенција за национална безбедност на Бугарија (ДАНС) ја условил првото интервју да го даде на новинарот Мартин Карбовски, кој исто така има свој поткаст.

Според разговорите што Цанов ги објавуви, Михаилова му посочила дека од службата ѝ кажале да гостува кај Карвобски, бидејќи нему може да му кажат кои прашања да ги постави. Ако гостува на друго место пред тоа, ДАНС наводно ѝ се заканиле оти снимката од тоа гостување ќе биде избришано, а дополнително Михаилова ќе ја изгуби и ветената рехабилитација од државата и помошта околу адвокатите.

Цанов во емисијата пропагира и оти Михаилова е невина и оти била прогонувана во Македонија само затоа што се декларирала како Бугарка.

Денес, пак, Михаилова го порече сето тоа, и изјави дека во Бугарија немала никаков притисок.

„Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден“, напиша Михаилова на социјалните мрежи.

Во објавата таа не ги споменува по име ниту Цанов ниту ДАНС и не ги коментира конкретните наводи од снимките. Вели дека не сака да биде дел од политички спорови и дека повеќе нема да се изјаснува на оваа тема.

„Најважно ми е во моментов целосно да закрепнам. Се лекувам и правам сè што можам за повторно да можам нормално да одам. Ве молам, оставете ме да се лекувам во мир“, вели Михаилова.

Ива Михаилова е девојка од Кочани со двојно државјанство – македонско и бугарско. Таа е обвинета за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по учеството во сообраќајка на 7 октомври 2025 на експресниот пат Кочани – Штип, во која имаше и загинат.

Жалејќи се дека е жртва на репресија затоа што е Бугарка и дека ѝ е потребна рехабилитација, Михаилова со помош на нејзиниот бугарски адвокат во октомври избега од Македонија и покрај судските мерки што беа на сила, како што се одземени пасоши и забрана за напуштање на Кочани.

Македонските институции распишаа меѓународна потерница, а кочанскиот суд одлучи да ѝ се суди во отсуство.

Во бегство во Бугарија е и таткото на Ива, Симеон Михаилов. И тој е двоен државјанин и по него македонските органи имаат распишано меѓународна потерница за издржување на затворска казна од 12,5 години затвор.

Тој е осуден во случајот „Детонатор“, меѓу другото и за обид за убиство. Тој првично беше осуден на доживотен затвор, но потоа казната му беше намалена.

„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Кочани и околината, при што група од околу 15 лица беше обвинета за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела. Беа запленети над 1.000 покер апарати, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип.

Михаилов еднаш беше во бегство, но беше уапсен во Италија од каде беше екстрадиран во 2014 година. Во меѓувреме, излезе од притвор, а пред затворската казна од 12,5 години да стане ефективна повторно избега, овој пат во Бугарија од каде до ден денес не е екстрадиран.

Онлајн емисијата на Цанов, посветена на Ива Михаилова, е во продолжение: