Премиерот Христијан Мицкоски не сака да им се посветува внимание на реакциите од бугарска страна поврзани со Ива Михаилова, девојката од Кочани која пребега во Бугарија како обвинета за сообраќајка со смртни последици.
„Имам што да одговорам, но мислам дека поединци не заслужуваат да бидат во центарот на вниманието и ваков тип на естрада што денеска ја гледаме таму, а е поврзана со фолклорот за нивните претседателски избори не заслужува коментар и мислам дека треба и да ги игнорирате и вие како поединци“, рече Мицкоски.
Претседателските избори во Бугарија треба да се одржат на 25 октомври, а бегството на Михаилова се случи во текот на изборната кампања. Изјавата на Мицкоски, пак, доаѓа откако министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, кој ги нарече македонски власти „српски“.
Бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, пак, обвини за различен третман поради нејзината бугарска припадност. Ова беше причина и македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија да повика на разговор претставник на амбасадата порачувајќи дека ваквите изјави се навредливи и провокација.
Додека ова се случуваше на дипломатско ниво, министерот за здравство, Сашо Клековски, вчера беше во посета на Софија каде се сретна со бугарската министерка за здравство, Катја Ивкова. Меѓутоа, во изјава за македонските медиуми, тој тврди дека имал „премолчена согласност“ со Ивкова дека случајот со Михаилова не е здравствено прашање.
„Во основа, постигнавме премолчена согласност дека прашањето на И.М. не е здравствено, туку прашање од доменот на правдата бидејќи лицето е бегалец од правдата барано со меѓународна потерница. Како што тоа прашање е на правдата, а не здравствено прашање, не го разговаравме“, изјави Клековски.
Во однос на извештајот за лекувањето на Михаилова и досие од македонските болници, што го прави Државниот санитарен и здравствен инспекторат, министерот рече дека сè уште не е готов бидејќи ќе се проверува и лекувањето во една приватна болница.
„Барав дополнување на извештајот на ДСЗИ бидејќи не е следена целата патека и здравствени постапки кои ги имала во здравствените установи во Македонија и дополнително побарав надзорот да се прошири и на една приватна здравствена установа каде што е третирана во меѓупериодот за да добиеме комплетна слика. Веќе во оваа фаза има констатирано прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“, рече Клековски.
Михаилова има двојно државјанство – македонско и бугарско. Додека таа е обвинета за сообраќајка во која за загина едно лице, во јавноста, пред сè во бугарската, се претстави како жртва на репресија само поради тоа била Бугарка. Тоа, според нејзините тврдења било причина да не и дозволи лекување во бугарските болници.
Михаилова, со помош на нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров, на 12 октомври се појави во Софија тврдејќи дека легално поминала граница. Македонските власти, пак, излегоа со соопштение дека таа на легален начин не излегла од Македонија, а распишаа и меѓународна потерница со оглед дека таа имаше забрана за напуштање на државата и ѝ беа одземени двата пасоша поради судскиот процес против неа.
Официјално Скопје, исто така, реагираше и за начинот на кој таа беше примена во Бугарија, како што рекоа, „на високо ниво“.


