БГНЕС: Бугарката Ива Михаилова веќе е во Софија, непречено поминала на граничен премин

Објавено:

23-годишната Бугарка Ива Михаилова ја напушти Северна Македонија по месеци правни спорови околу потребата од специјализиран третман за повредите што ги доби по сериозната несреќа и ќе се лекува во универзитетската болница „Пирогов“. Таа изјави дека нејзиното преминување на граничните премини поминало непречено, и покрај повеќемесечниот правен спор околу нејзината можност да ја напушти Северна Македонија, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.

При судската постапка за сообраќајната несреќа, на Михаилова ѝ беа одземени личните документи и засега е нејасно како поминала граница.

Од македонските институции засега нема потврда на ова тврдење.

БГНЕС пишува дека и бугарското Министерството за надворешни работи не било однапред информирано за постапките на Ива Михајлова, на нејзиното семејство и на нејзиниот адвокат и не учествувало во организација на нејзино пристугнување во Бугарија. Контактот со Министерството за надворешни работи бил воспоставен од адвокатот непосредно пред неговата изјава, соопшти нашиот оддел за надворешна политика, според БГНЕС.

„Ја разбираме загриженоста на семејството за здравјето на Ива. Најважно сега е таа да ја добие потребната медицинска нега. Тимот на Универзитетската болница и медицински центар „Н. И. Пирогов“ ќе ја процени нејзината состојба и потребниот третман“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

И бугарски политичар објави дека Михаилова е во Бугарија. Ангел Георгиев, претставник на бугарската партија „Преродба“, на Фејсбук напиша дека успеале да се изборат за нејзиното враќање во Бугарија, по повеќемесечните барања таа да добие можност за лекување таму.

„Ива Михаилова веќе е во Бугарија! Успешно се изборивме за нејзиното враќање! Време беше институциите да си ја завршат работата, откако ги пропуштија првите седум месеци“, напиша Георгиев.

Михаилова: Во Северна Македонија бев репресирана поради моето бугарско потекло

Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.

„Оваа ситуација е неподнослива и ние ја зедовме нашата судбина во свои раце“, изјави Димитров за БТВ.

Во изјава за истиот медиум, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија.

„Ја преминавме границата со мојот адвокат. Моето здравје се влоши, тој ме зеде и се вративме во Бугарија без никакви проблеми. На границата ја покажав мојата македонска лична карта. Се чувствувам безбедно во Бугарија. Во Северна Македонија бев репресирана поради моето бугарско потекло и тоа беше една од причините зошто ме обвинија“, изјави Михаилова за БТВ.

На прашањето дали има намера да се врати во Македонија за судењето, чие следно рочиште е закажано за 9 ноември таа одговори:

„Случајот продолжува со или без мене. Ќе видиме како ќе биде“.

Следното рочиѓте пред судот во Кочани е закажано за 9 ноември.

Случајот со Ива Михаилова, двојна државјанка на Македонија и Бугарија, која се гони за кривично дело поврзано со сообраќајна несреќа во земјава, беше една од темите која се наметна од бугарските медиуми на 8 октомври, за време на конференцијата за Коридорот 8 што се одржа во Софија, а на која присуствуваше и македонска делегација, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Она што беше истакнато е оти македонската страна е подготвена да овозможи медицински консултации со бугарски лекари за Михајлова, што Бугарија го смета како важен чекор кон решавање на случајот.

Бугарската министерка Велислава Петрова Чамова рече оти станува збор за хуманитарен случај и тој мора да се реши што поскоро за да се гарантира здравјето на Михаилова.

Михајлова е од Кочани и таа беше повредена во сообраќајка, но не може да го напушти родниот град за лекарски преглед поради забрана наметната од судскиот спор во кој е обвинета.

Во овој контекст, информациите добиени преку дипломатски канали од Република Северна Македонија за подготвеноста за одржување медицински консултации, на кои би учествувале и бугарски лекари, се важен чекор. Се надевам дека ова може да се спроведе многу брзо“, рече Петрова на прес-конференција нагласувајќи дека сè уште не ја одржале предвидената билатералната средба со Муцунски за да може да разговараат подетално, пренесе БНТ.

Муцунски, пак, потенцираше два аспекти на овој случај, што нагласи, треба да се разграничат.

Првиот е поврзан со судската постапка по поднесените обвиненија со коишто е опфатена и Михаилова. Како што посочи, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, кога има систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улога на извршната власт – чиј претставник е тој, да се меша во одлуките што ги носат судските власти.

„Одлуката ја донесе судскиот систем и само во рамките на судскиот систем може да се направи нешто во врска со законитоста на притворот додека судската постапка трае. Вториот елемент за кој прашувате е поврзан со здравствената состојба на обвинетото лице – Ива Михајлова. Нашиот здравствен систем обезбедува соодветна и модерна здравствена заштита за секој граѓанин“, рече Муцунски.

Тој, исто така, нагласи оти станува збор за лице со двојно државјанство – лице кое има и македонско и бугарско државјанство.

„Бидејќи ова прашање го покренаа претставници на бугарската влада пред претставници на македонските влади на претходните билатерални средби, Република Северна Македонија предложи претставници на здравствените власти од вашата земја – медицински специјалисти кои имаат потребно знаење за конкретното прашање – да ја посетат нашата земја и добронамерно да се осигурат дека на обвинетото лице му е обезбеден соодветен медицински третман“, потенцираше Муцунски.

Ова, рече шефот на дипломатијата, е гест на добра волја, а не наша обврска.

Михаилова е обвинета во Македонија за предизвикување сообраќајна несреќа со смртен исход, на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип. При тоа едно лице загина, а неколкумина, меѓу кои и Михаилова, беа повредени.Таа тврди дека не е виновна и дека несреќата се случила поради друго возило кое избегнувало полициска контрола.

Во несреќата таа се здобила со тешки повреди на рбетот и невролошки компликации. Нејзината одбрана поднесуваше повеќе барања до судот во Кочани за привремено враќање на пасошот со цел специјализирано лекување во Бугарија, тврдејќи дека такви услови нема во земјава. Македонскиот суд ги одбиваше овие барања поради страв од бегство.




Случајот беше силно експлоатиран од бугарските институции и европратеници, кои го покренаа прашањето дури и пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур, тврдејќи дека се прекршуваат нејзините основни човекови права и правото на итна медицинска нега.

Тензиите дополнително се зголемија бидејќи нејзиниот татко, Симеон Михаилов, е осуден во Македонија на 12 и пол години затвор, но се наоѓа во Бугарија и тврди дека целиот прогон против неговото семејство е политички мотивиран.