Јавното претпријатие Македонија пат соопшти дека сообраќајот на сите државни и регионални патишта низ Македонија се одвива по влажни коловози, а сите патни правци се проодни. Екипите на претпријатието се на терен и со расположливата механизација активно ги чистат патиштата од снег.
Оттаму информираат дека се ангажирани сите дежурни екипи, особено на критичните планински превои, а подготвена е и потребната механизација, работници и количества сол и ризла за одржување на безбеден и непрекинат сообраќај.
„Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта со сите расположливи ресурси на терен активно работи на чистење на патиштата и создавање услови за непрекинато одвивање на сообраќајот низ цела Македонија“, соопштија од претпријатието.
Од „Македонија пат“ упатуваат апел до возачите да бидат внимателни, да ја приспособат брзината кон условите на патиштата, задолжително да имаат зимска опрема и да го приспособат возењето на временските услови.
Времето облачно и студено, дожд и снег до пладне
Инаку, денеска времето ќе биде облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег. Во пониските места долж Повардарието ќе има врнежи од дожд и снег, а кон крајот на денот тие ќе престанат.
Ќе дува умерен северен ветер, кој повремено ќе засилува долж Повардарието. Минималните температури се движат од минус три до четири, а максималните ќе достигнат од минус еден до шест степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одделни делови од котлината повремено ќе засилува. Температурата ќе се движи од минимални нула до максимални два степена.


