МВР: Насилникот од Гостивар ја претепал сопругата, па повредил и полицаец, спроведен е во Психијатриска болница

Објавено:

Министерството за внатрешни работи издаде соопштение во врска со претепувањето на жената од Гостивар, во кое се вели дека на 27.11.2026 во 14.10 часот во гостиварско село, полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода М.М.(52) од селото, лице со нарушено ментално здравје.

Претходно, се наведува во соопштението, неговиот татко пријавил дека околу 12:30 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга, при што употребил остар предмет и ѝ нанел повреди.

Откако ѝ била укажана помош во болницата во Гостивар, поради сериозноста на повредите, жената во бессознание била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување.

МВР информира дека исто така, при лишувањето, тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив.

За настанот е известен јавен обвинител, а М.М. бил спроведен во Психијатриска болница – Скопје.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Обвинителството прибира докази

Од Јавното обвинителство (ЈОРСМ), на новинарско прашање дали ќе има притвор за сопругот на претепаната жена, соопштија дека правната квалификација ќе биде одредена согласно со доказите.

„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно со воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, се вели во одговорот од обвинителството.

Според неофицијални информации кои се повикуваат на болнички извори, жената е со скршен череп, крварење во мозок, сериска фрактура на ребра, воздух во плевра и полупаднато едно белодробно крило. Сниман бил и абдоменот поради тоа што сопругот ја клоцал во стомак.

Екипата на Итната медицинска помош ја пронашла жената во бесознание.

Таа најпрво била пренесена во гостиварската болница, каде што ѝ била укажана медицинска помош, а потоа била транспортирана на скопските клиники.

Според болнички извори на „Слободен печат“, жената им кажала на лекарите и на полицијата дека сопругот ја тепал два дена.

Случајот во Гостивар доаѓа само два дена по одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември, и во периодот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.