На „ѕидот на срамот“ на МЗД и Жаклина Пешевска – никакви резултати за заштита на жените од насилство

Објавено:

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) побара конкретна одговорност од Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Во соопштението по повод 16 дена активизам се вели дека го продолжуваат нивниот „Ѕид на срамот“, упатувајќи јавни прашања до Жаклина Пешевска, која ја потсетуваат дека минале седум месеци без заклучоци од надзорната расправа, три месеци без усвојување на предложените законски измени.

Во меѓувреме, додаваат тие, се случија седум фемициди од почетокот на годината.

Во текстот се вели дека во април годинава, како претседателка на Комисијата, Пешевска организирала надзорна расправа за заштита на жените од насилство и оти во август, заедно со други пратенички, ги поднесла законските измени за подобрување на нивната заштита.

„Каде се заклучоците од надзорната расправа? Зошто законските измени што самите ги поднесовте сè уште не се ставени на дневен ред?“, ја прашуваат од МЗД пратеничката Пешевска.

Во соопштението се истакнува дека родовата нееднаквост е во коренот на насилството врз жените.

„Каква одговорност преземате за уназадувањето на родовата еднаквост и отстранувањето на одредбите за заштита од дискриминација и насилство од образовните закони?“ велат од МЗД.

Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените. Бараме одговорност и резултати!, нагласуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.