Уставниот суд со одложено дејство до 1 април 2027 година го укина Колективниот договор за култура и членот 78-љ од Законот за култура. Судот оцени дека ниту во Колективниот договор, кој се применува од 2020 година, ниту во Законот за култура не е утврдена законска методологија за пресметка на платите.
Наместо веднаш да предизвика правен вакуум, уставните судии оставија рок од пет месеци, за Собранието да ги измени законските одредби, а Министерството за култура, синдикатите и социјалните партнери да склучат нов колективен договор.
Додека уставните судии дебатираа во Судот, надвор од него со посмртен марш и запалени свеќи пред Уставниот суд, културните работници го изразија своето незадоволство. Тие ги предупредија судовоте дека од Колективниот договор за култура зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени во секторот.
„Денес не сме тука да вршиме притисок врз судот. Дојдовме да покажеме дека можеби ќе успеат да погребаат еден Колективен договор, но нека не се надеваат дека со тоа ќе ги погребаат и луѓето што се борат за него. Караванот тргнува и нема назад“, порачаа од СКРМ.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција по седницата изјави дека одложеното дејство е избрано за да се ублажат последиците од евентуално итно укинување, додавајќи дека улогата на Судот е да го штити уставниот систем и кога одлуките се непопуларни.
Судијката известител Татјана Васиќ-Бозаџиева посочи дека методологијата за плати и систематизацијата поврзана со степен на сложеност и коефициенти мора да бидат поставени во самиот Закон за култура, наместо членот 78-љ да остава платите на давателите на услуги да ги утврдува основачот со општ акт, со оглед на големиот број различни основачи во секторот.
Претседателката на СКРМ, Верица Атанасовска, го оспори тајмингот на одлучувањето пред истекот на мандатот на претседателот на Судот и уште еден судија, како и долгото чекање по други иницијативи и дописи, најавувајќи нови протести пред Министерството за култура. На ваквите обвинувања од Уставниот суд соопштија дека предметот бил на дневен ред во фаза на гласање и побараа почитување на независноста на институцијата.
Тензиите меѓу Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и Министерството за култура околу платите веќе подолго време се водат и на терен и пред судовите. Од доцнењата и кратењата на платите во институциите, до синдикалните предупредувања за буџетските рамки за 2027 година, каде што според оценките на СКРМ предвидениот раст за основни плати е минимален. Токму затоа за вработените во културата укинувањето на Колективниот договор е особено чувствително.
Колективниот договор за култура се применува од 2020 година и ги уредува правата, работното време, надоместоците и платите на вработените во националните и локалните установи од областа на културата. Синдикатите и вработените во културата во изминатите години се бореа за усогласување и раст на платите во секторот. За нив, укинувањето на постојниот Колективен договор во целина отвора ризик во новиот договор да не се задржат сите досегашни придобивки, особено ако законските измени и преговорите се одолговлекуваат или се водат под буџетски притисок.


