Седум институции им „пресудија“ на кравите од Крива Паланка, ќе одат во затвор

Објавено:

Кравите кои речиси две години шетаат слободно низ улиците, нивите, дворовите и парковите на Крива Паланка ќе бидат притворени во казнено поправните домови „Идризово“ и Прилеп. Оваа одлука ќе стапи на сила со новиот акциононен план на Владата за справување со неконтролираниот добиток во Општина Крива Паланка. Според планот одземените животни во првата фаза ќе бидат спроведени и сместени ни помалку ни повеќе, туку во затвор.

За да се спроведе оваа операција, државата активираше седум институции меѓу кои министерството за внатрешни работи и за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство како и Агенцијата за управување со одземен имот, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена. Координативниот штаб веќе ја започна акцијата со мапирање на теренот за да се утврди колку точно „престапници“ шетаат низ регионот и колку е пристапен теренот за нивно приведување.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, уверува дека приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, но со строго почитување на стандардите за благосостојба на животните.

Сепак, зад решетките во Идризово и Прилеп кравите ќе бидат само привремено, властите веќе разгледуваат опција тие да бидат „помилувани“ и законски отстапени на здруженија на сточари и млади фармери.

Проблемот со неконтролираното движење на над 1.000 грла крупен добиток (без ушни маркици и надзор) низ урбаното подрачје и околината на Крива Паланка трае со години, но ескалираше во ноември 2026 година, претворајќи се во политички и институционален судир меѓу локалната и централната власт.

Дел од жителите на Крива Паланка излегоа и на протести барајќи решение.

Градоначалникот во изминатиот месец бараше од Владата да да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината. Образложението беше дека животните уништуваат јавни површини, земјоделски насади и приватен имот, а ја загрозуваат и безбедноста во сообраќајот. Поради недостиг на локални капацитети, градоначалникот Сашко Митовски побара вклучување на полицијата, но и на Армијата (АРМ) за физичко фаќање и дислокација на говедата.

Градоначалникот Митовски (од редовите на СДСМ) јавно ја обвини централната власт и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за игнорирање на проблемот, барајќи барем да му се даде „законски мандат за дејствување“ доколку државата не реагира. Проблемот го привлече и вниманието на меѓународните медиуми (вклучувајќи го и Euronews), кои известуваа за „македонскиот град окупиран од 1.000 крави“.

Откако не доби директен одговор на барањето за прогласување кризна состојба, Митовски испрати официјално писмо до сите странски амбасади и амбасадори акредитирани во земјава. Во писмото побара дипломатска поддршка и помош за конечно решавање на ситуацијата, наведувајќи дека домашните институции не постапуваат со потребната итност.