Неколку навивачи на бугарскиот клуб Левски од Софија беа повредени синоќа во Марсеј, во судирите со навивачите на Олимпик.
Полициската префектура на департманот Буш-ди-Рон соопшти дека околу десет лица, сите бугарски државјани, биле повредени во инцидентите на стадионот „Велодром“.
„Пет лица се пренесени во болница со повреди на очите, повреди на главата и исчашување на рамото. На уште шест лица им била укажана помош на самото место поради различни повреди“, соопшти полицијата, додавајќи дека засега „нема информации за евентуални апсења“.
Десетина минути пред почетокот на натпреварот, неколку стотици навивачи на Олимпик Марсеј од јужната трибина упаднале на една од страничните трибини на стадионот „Велодром“.
Настанал хаос, при што навивачите на Марсеј бркале група од неколку десетици бугарски навивачи, кои на крајот стигнале до делот од стадионот наменет за гостинските навивачи, каде што биле собрани околу 500 приврзаници на Левски.
Во меѓувреме дошло до физичка пресметка. Некои од навивачите на Марсеј, од кои многумина носеле фантомки, имале и стапови за знамиња. Еден навивач активирал дури и противпожарен апарат.
Ситуацијата околу секторот со бугарските навивачи дополнително ескалирала со фрлање предмети и факели. Редарската служба успеала да ја смири ситуацијата.
Набргу по почетокот на натпреварот, кој започнал според предвидениот распоред, десетици навивачи на Олимпик Марсеј се вратиле на јужната трибина.
Секторот со бугарските навивачи останал под надзор на голем број припадници на интервентната полиција. Напнатоста накратко повторно се зголемила во неколку наврати, особено за време на полувремето.
Олимпик Марсеј на крајот победил со 1:0, а остатокот од натпреварот поминал без поголеми инциденти.
Неколку часа по натпреварот, бугарската потпретседателка Илијана Јотова се огласи на Фејсбук, опишувајќи ги сцените во Марсеј како „застрашувачки“, а насилството како „неприфатливо“.
„Француските власти мора целосно да ги расветлат околностите на овие напади и сторителите да ги изведат пред лицето на правдата, додека УЕФА мора да ги истражи условите под кои била обезбедена безбедноста на бугарските навивачи на стадионот. Подготвени сме да им ја пружиме сета потребна помош на нашите сонародници“, напиша таа.
Насилството остро го осуди и францускиот претседател Емануел Макрон, кој истакна дека за таквото насилство „нема место ниту во спортот ниту во јавниот простор“ и гарантираше дека „овие постапки нема да останат неказнети“.


