Од 1 декември цената на топлинската енергија се зголемува во просек за 7,56 отсто за домаќинствата што се снабдуваат од „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство на топлина“ и „ЕСМ енергетика“, велат од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Тоа значи дека просечна сметка ќе се зголеми за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денар.
„За корисниците што се приклучени на мрежата на поранешната топлана „Скопје Север“, сегашна „Енерџи еколинк“, зголемувањето е за 5,84 отсто, “ велат РКЕ.
Оваа одлука следува откако сите компании што ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во градот Скопје доставија вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената на топлинска енергија, што беше донесена во јули, а е во сила од 1 август 2026 година. Во градот Скопје речиси 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Ова е трето поскапување на парното греење во Скопје во рок од една година. Претходно, цената на топлинската енергија беше зголемена на 1 декември лани (во просек за околу 130 денари по сметка), а потоа и на 1 август годинава за речиси шест отсто. Единственото намалување на сметките во последните четири години беше регистрирано во август 2024 година, кога парното поевтини за 3,16 проценти.
Минатата година ова време просечните сметки за парно рипнаа од тогашните 2.200 денари на 2.330 денари. Во 2022 година цената на просечната сметка за парно греење изнесувала 1.800 денари.


