Во Охрид во петокот се одржа петнаесеттиот самит на Процесот Брдо-Бриони, на кој лидерите разговараа за проширувањето на Европската Унија и регионалната соработка. Домаќин на состанокот беше македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Проширувањето на Европската Унија претставува безбедносен императив за Европа, а напредокот на Црна Гора и Албанија кон членството е важен и за Македонија, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Таа истакна дека во новата комуникација на Европската комисија за проширувањето се гледа значаен исчекор по долг период без јасна стратегија од Самитот во Солун во 2003 година.
„Напредокот го сметам за важен бидејќи по 2013 година речиси немаше отворена порта за нас. Ова значи исчекор и мислам дека нивното напредување е и наше напредување“, изјави Сиљановска-Давкова.
Според неа, ако Унијата сака да биде релевантен геополитички актер, не смее да остави безбедносен вакуум во регионот, иако постепеното членство не го смета за замена за полноправно членство.
Во однос на македонскиот пат кон Брисел, Сиљановска-Давкова порача дека земјата се соочува со билатерални прашања кои не се поврзани со копенхашките критериуми и не значат европеизација, нагласувајќи ја потребата од „дебилатерализација“, особено за идентитетските теми.
Таа посочи дека Словенија и Хрватска континуирано даваат поддршка и застапување за регионот, додека односите со Србија ги оцени како традиционално добри и без отворени прашања, поздравувајќи го присуството на вршителот на должноста претседател на Србија, Чупиќ, во Охрид.
„Словенија и Хрватска можеа да речат дека стигнале во Брисел и можат да нè охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нè поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова“, рече Сиљановска-Давкова.
На новинарско прашање дали од Хрватска и Словенија, кои се иницијатори и основачи на Процесот Брдо-Бриони, добила ветување дека во спорот со Бугарија ќе застанат на македонска страна, претседателката рече дека ниту може ниту ќе ги праша дали ќе застанат зад нас, конкретно во спорот со официјална Софија. Но, вели:
„Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна и во Процесот Брдо-Бриони, ама и денеска, секаде и секогаш, тие велат дека стојат зад нас.“
Говорејќи за значењето на Процесот Брдо-Бриони, претседателката го оцени како една од најдобрите и најинспиративните регионални иницијативи, нагласувајќи ја важноста на меѓусебното слушање, разбирање и поддршка.
„Географијата сакала да живееме едни до други и регионалниот напредок е многу важен не само за регионот, туку и за самата Европска Унија“, рече таа.
Процесот Брдо-Бриони (коорганизиран со Словенија и Хрватска) функционира како неформален, но симболички важен регионален форум на претседателите, каде што помалите и земјите-кандидатки често бараат политичка поддршка и „адвокатура“ внатре во ЕУ, но без формална моќ на самиот форум да ги менува преговарачките рамки.
Самитот во Охрид се одржува во сложени политички околности, во период на изразена геополитичка нестабилност во Европа, внатрешнополитички промени во дел од соседството и продлабочени разлики во темпото со кое земјите од Западен Балкан напредуваат кон ЕУ. Во такви услови, кога регионалниот дијалог се одвива паралелно со чувствителни билатерални прашања и осетливи соседски односи, средбата на лидерите во Охрид добива тежина како обид да се зачува комуникацијата и да се испрати порака дека стабилноста на регионот е директно врзана со европската безбедност.


