Охрид е прво место кое Чупиќ го посетил како највисок државник на Србија

Објавено:

Самитот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид е првиот меѓународен настан на кој учествува новиот вршител на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, по промената на власта во Белград. Овој потег доби особено внимание откако пред два дена тој не присуствуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, избирајќи го Охрид за свој прв надворешнополитички настап.

Чупиќ го оцени форматот Брдо-Бриони како клучен механизам преку кој земјите-членки на ЕУ од регионот, како Словенија и Хрватска, можат да ги пренесат своите искуства на земјите-кандидати. Во изјавата по средбата со неговата домаќинка, македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, тој се осврна и на македонско-бугарските односи.

„Би се воздржал од коментар за односите меѓу Македонија и Бугарија, но мислам дека можеби и на Бугарија ѝ е овде местото, ако е веќе членка на ЕУ, и таа да помогне. Сите сме во ист регион“, порача Чупиќ, додавајќи дека со македонската претседателка споделиле заеднички став оти задржувањето на младите и нивното вклучување во политичките процеси се пресудни за опстанокот на регионот.

Посетата на Охрид доаѓа во период на длабоки политички промени во Србија, откако професорот Александар Чупиќ, кандидат на Студентската листа, неодамна беше избран за претседател на српското Собрание и ја презеде должноста в.д. претседател, а претседателските избори во земјата веќе се закажани за 27 декември додека се очекува и формирање на нова влада.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, по денешната билатерална средба и пленарниот состанок на лидерите, го оцени доаѓањето на Чупиќ во земјава како силен сигнал за важноста на регионот.

„Чупиќ му даде предност на Охрид пред Брисел, дојде во Охрид бидејќи регионалниот амбиент е многу важен. Ние не можеме да исчекориме кон Европската Унија ако не градиме регионално разбирање“, изјави Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата.

Таа нагласи дека очекува традиционално добрите македонско-српски односи да се унапредат по комплетирањето на новите државни органи во Србија, особено во областите на образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата.